Филипче: Секретар за односи со општинските организации – ново тело за подобра внатрепартиска комуникација
„Во мојата комуникација со членовите во текот на изборната кампања, но и во целиот изминат период, заклучив дека недоволната присутност на раководството на терен, слабата комуникација на локално ниво и неможноста да се влијае на централните партиски политики, се меѓу главните причини за лошиот резултат“, истакна Венко Филипче, кандидат за претседател на СДСМ при средбата со членовите во Аеродром.
Тој планира проширување на секретарските места во партијата и формираме на нова позиција, Секретар за односи со општинските организации. Според Филипче, главна задача на секретарот ќе биде структурирана и постојана комуникација со општинските и месните организации.
„Секретарот ќе треба да воспостави јасни и стандардизирани канали за комуникација помеѓу општинските организации и централното раководство. Секретарот под себе ќе има цел тим и ќе биде задолжен да организира редовни средби каде претставниците од ОО можат да ги изразат своите грижи, да споделат сознанија и да дадат повратни информации за партиските политики и иницијативи“, вели Филипче.
Тој порачува дека ќе се воведат нови алатки и механизми, преку кои членовите во непосредна и брза комуникација ќе ги евалуираат политиките и ќе споделуваат ставови за важни политички прашања.
„Ваквиот пристап според мене е критичен чекор кон унапредување на внатрепартиската демократија, обезбедување дека гласот на секој член е слушнат и поттикнување на посилна врска помеѓу централното раководство и членството. Ова тело ќе игра клучна улога во создавањето на транспарентна и ефективна партиска структура, што на крајот ќе доведе до пообединета и поодговорна СДСМ“, вели Филипче.