Свет

Јулија Навални се огласи откако Москва издаде налог по неа: Путин припаѓа во истата ќелија каде го уби Алексеј

Судот во Москва издаде налог за апсење на Јулија Навални, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, под обвинение за екстремизам. Таа рече дека рускиот претседател Владимир Путин припаѓа во истата затворска ќелија „во која го уби Алексеј“.

Обвиненијата покренати против Јулија Навални, која живее надвор од Русија, во отсуство се однесуваат на нејзиното наводно „учество во екстремистичко општество“, објави новинската агенција Тасс, а пренесе Би-би-си.

Навални беше најважниот руски опозициски лидер во изминатата деценија. Тој почина во февруари во затворот на Арктичкиот круг. Руските власти соопштија дека тој починал од природна смрт, но неговата вдовица рече дека Навални бил „мачен, изгладнет и убиен“ од рускиот претседател Владимир Путин.

Навални одлежа 19 години под обвинение за екстремизам, кои се сметаа за политички мотивирани.

Одговарајќи на налогот за апсење против неа, Јулија Навални објави на социјалната мрежа Х: „Кога пишувате за ова, не заборавајте да го напишете главното: Владимир Путин е убиец и воен злосторник“.

„Неговото место е во затвор, не некаде во Хаг, во удобна ќелија со телевизор, туку во Русија – во истата ќелија каде што го уби Алексеј“, рече таа.

Московскиот суд донесе одлука Навални, која вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг, да биде приведена и да биде распишана потерница по неа.

Одлуката значи дека ќе се соочи со апсење доколку стапне во Русија.

Обвиненијата би можеле да се поврзат со пресудата од јуни 2021 година на московскиот суд со која се забрануваат три организации поврзани со Навални, нарекувајќи ги „екстремисти“. Поради ова, Наваљна не можела да присуствува на погребот на нејзиниот сопруг во март.

Оттогаш, таа се сретна со бројни западни лидери, вклучувајќи го и американскиот претседател Џозеф Бајден.

Овој месец таа беше избрана за претседател на Фондацијата за човекови права со седиште во САД, непрофитна организација која работи на промовирање и заштита на човековите права ширум светот. Таа рече дека ќе ја искористи својата улога за да ја интензивира борбата на нејзиниот сопруг против Путин.

На почеток