Македонија

Се разгорува ли меѓунационална поделба: Модриците на бебето можеби се од тромбоцитопенија, а не од одмазда за незнаење македонски

Фрли искра со меѓунационален предизвик и огнот најлесно се разгорува. Никој не мисли на последиците, туку сaмо на политичките поени кои може да се ,,ќарат”.

Последен е случајот со бебето со модринки на Детската клиника. Веднаш осамнаа бомбастични наслови: „Медицинска сестра повредила тримесечно бебе од Сарај зошто мајката не знаела да говори македонски“.

Всушност бебето кое имало наод за тромбоцитопенија – состојба на намалени тромбоцити од која се појавуваат модринки. Но, тоа е помалку важно, побитен е политичкиот и меѓунационален ќар и раздор. Наодот за тромбоцитопенија е потврден од тројца специјалисти од Клиниката, меѓу кои и директорот, доктор Реџеп Мемеди, кој заедно со министерот за здравство Арбен Таравари истиот ден го посетија семејството и беа објавени видеа од посетата. Таравари рече дека ако има вистина во обвинувањата за медицинската сестра ќе има и санкции.

Инаку за оваа медицинска сестра, со 15 годишно искуство и професионален рејтинг никогаш не била дисциплински гонета, ниту имало поплаки за нејзината работа.

И ДУИ на невидено и неиспитано ја осуди сестрата:
,,Скандалозното физичко насилство констатирано врз 3-месечно албанско бебе од етнички причини од страна на медицинскиот персонал на Детската клиника е неприфатливо, нечовечно и е последица на политичката немоќ на поразените на изборите кои секојдневно ги понижуваат Албанците”, обвини ДУИ.

Новинарот Фуркан Салиу по објавување на веста дека можеби е здравствен проблем кај бебето а не медицинско меѓуетничко малтретирање денеска објави неколку, како што вели, факти, меѓу кои (цитираме):
„- Факт е дека 4 медицински сестри ја исмејувале мајката затоа што не знае македонски.

– Факт е дека мајката не била присутна кога на 3 месечно бебе е земено крв.

– Факт е дека многу медицински работници пациентите ги делат по етничка линија (и медицински работници кои се од албанска етничка припадност) и не треба да се правиме дека тоа не постои и дека не сме од тука.

– Факт е дека само пред неколку дена група на лекари и медицински сестри негодуваа зошто како директор на клиниката беше поставен Реџеп Мемеди.

– Факт е дека лекари одбиваа да бидат дел од комисијата која што треба да утврди дали повредите се направени од невнимание или со намера.

– Факт е дека ова е индивидуален чин и не може сите лекари и медицински сестри да се обвинат за индивидуална постапка.

– Факт е дека нeкакви комори, синдикати упорно зборуваат за етничката припадност на медицинската сестра, нагласувајќи дека шеф на одделот е лекарка Албанка.

– Факт е дека во здравствените јавни установи има дискриминација… Прашајте ги Ромите ќе ви објаснат најдобро ако сте алергични на други етнички заедници.

Колеги новинари, кога пишувате прилози за вакви теми заборавате многу битни детали затоа што сте заслепени од омраза“.

Факти или?
А денеска на Клиниката ќе се состане стручната комисијата и ќе биде сослушана и медицинската сестра обвинета од страна на семејството дека на бебето му предизвикала модрици намерно, како одмазда што мајката не знаела македонски јазик.
Дали доколку се покаже дека се работи за здравствен проблем кај бебето некој ќе се извини?

На почеток