Зеленски се огласи по повод Националниот ден на Украина: Се бориме против страшен непријател, но нема да се предадеме
Претседателот на Украина Владимир Зеленски им порача на Украинците денеска, по повод Националниот празник на Украина, да се борат против „страшниот непријател“, но дека нивната земја нема да се предаде.
„Украина не може да се согласи на ништо помалку од тоа да живее, да зачува и да преживее. Украина нема да се потчини на злото, ние мора да го победиме“, рече Зеленски на својот профил на X.
Според него, оваа битка е борба за независност што ќе ја наследат идните генерации. Украинскиот претседател додаде дека Украина нема да попушти пред непријателот кој, како што наведе, „пролева крв заради сопствената болна самодоверба, кој ја презира вистината – и човечката и божествената – и омаловажува сè освен себеси“.
„Русија ја гради својата државност токму на ова, но ние сме различни. Веќе сме одвоени од овој непријател со нашиот дух. Мора да го победиме ова зло“, напиша Зеленски.