Свет

(Видео) Поради пожар во Бразил затворени патишта и училишта

Шумски пожари горат во најнаселената бразилска држава Сао Паоло цел викенд, предизвикувајќи облаци од чад на небото, пишува Франс прес.

Пожарите се проширија низ југоисточен Бразил, а гувернерот на Сао Паоло, Тарсисио де Фреитас прогласи вонредна состојба во 45 општини. Тој рече дека се уапсени две лица осомничени дека го подметнале пожарот.

Пожарите предизвикаа прекини во сообраќајот. Властите затворија некои автопатишта поради слабата видливост. Во градот Рибеирао Прето е откажан и фудбалски натпревар од бразилското првенство. Повеќе од 300 пожари беа откриени во градот Сао Хозе до Рио Прето, поради што властите беа принудени да ги затворат училиштата.

Пожарите испуштаат густ и отровен чад кој штети на животната средина и здравјето на луѓето, предизвикувајќи респираторни проблеми и кардиоваскуларни нарушувања“, се вели во владиното соопштение.

„Досега не откривме пожар предизвикан од гром, што значи дека има луѓе кои предизвикуваат пожари“, рече бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва на X.

Државната влада стави 36 градови во состојба на зголемена готовност поради пожарот. Двајца работници во фабрика загинале во општината Урупес додека се бореле со пламените јазици.

Бразил моментално е на врвот на сувата, топла сезона. Ниската влажност и високите температури предизвикаа повеќе пожари на југоисток, кој исто така се справува со суша.

Оваа година, сезоната на шумски пожари започна на почетокот на мај во Пантанал, најголемото мочуриште во светот. Според владините податоци, бројот на пожари во дождовните шуми на Амазон во јули бил на највисоко ниво во последните две децении.

Екстремните временски услови тешко го погодија Бразил, предизвикувајќи и ретки поплави во државата Рио Гранде до Сул, кои оставија повеќе од 170 мртви.

На почеток