Македонија

Куп прашања неодговорени, 14 загинати лица: две години откако изгореа пациенти сосе болницата во Тетово, ќе има ли одговорност?

Куп прашања неодговорени, 14 загинати лица, десетина повредени. Ова е епилогот од пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово, која изгоре до темел. Починатите се претежно пациенти, кои беа на болничко лекување поради Ковид -19 во таа модуларна болница, а двајца се членови на семејствата на болните.

Кабелот, односно спојот на струјата, го предизвикал пожарот, покажаа истрагите на Обвинителството. Но, истрагата за тоа дали болницата е изградена според сите прописи, но и дали тендерската документација е изготвена за да се изгради безбедна модуларна болница – никогаш не го виде светлото на денот. Обвинителството за организиран криминал и корупција ја собра документацијата, отвори постапка. И толку. Остана на тоа.

Имаше еден судски процес, но… ексдиректорот на тетовската болница Флорин Бесими и поранешниот економски директор Артан Етеми, не се гона поради причината за пожарот во тетовската модуларна болница, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар. На докторот Бобан Вучевски кој беше ослободен од вина, му се судеше бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането.

Истражувањето на „ИРЛ“ пак, покажа дека ковид-болниците, вклучвајќи ја и изгорената во Тетово со која изгубивме и човечки животи, биле градени без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор за изградбата и други пропусти.

„По ова, надлежностите за спроведување на тендер му се префрлаат на Министерството за здравство, тогаш водено од Венко Филипче. И во поништената постапка и подоцна во повторената постапка тендерот го добива македонската компанија Брако, една од семејните фирми на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев“, се наведува во истражувањето.

Претставници на семејствата на 14 лица кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово за денеска на двегодишната од пожарот и трагедијата во која ги загубиле своите блиски, најавија јавен протест со цел да побараат да има ново обвинение.

Вечерта на 8 септември во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на државата. Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова беше единствениот конкретен податок којшто укажуваше која била иницијалната каписла за избувнувањето на пожарот. Неколку месеци подоцна својот извештај го доставија и германските експерти коишто вршеа вештачење во странски лаборатории.

На почеток