Американските разузнавачи го информирале Трамп за закани за атентат од Иран
Највисоките претставници на американската разузнавачка заедница го информирале републиканскиот кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп за заканите за атентат од Иран, изјави денеска портпаролот на кампањата на Трамп.
„Претседателот Трамп претходно беше информиран од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање за актуелните и конкретни закани за атентат од Иран во обид да ги дестабилизира САД и да предизвика хаос“, рече портпаролот Стивен Чеунг, според NBC News.
Се додава дека претставниците на разузнавањето заклучиле дека овие постојани и координирани напади се зголемиле во текот на изминатите неколку месеци и дека службениците од сите агенции работат на тоа да обезбедат Трамп да биде заштитен и дека претседателските избори се слободни и спроведени без мешање.
Постојаната мисија на Иран во Обединетите нации во Њујорк не одговори веднаш на барањето за коментар на оваа информација.