Некатегоризирани

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска на народниот собир во прилепско с.Селце, порача дека Владата на ВМРО ДПМНЕ симболично ги зголеми платите на наставниците, што е далеку од потребното зголемување и тоа не е достоинствено решение.

„Владата требаше законски да ги качи платите за 12%, но што направи? Обезбеди само 5% и тоа под притисок на јавноста и на нашата партија. Ова не е достоинствено решение. Ова е обид да се смири револтот со симболично зголемување кое е далеку од потребното за нашите наставници“, изјави Филипче.

Во обраќањето, Филипче посочи дека Владата на СДСМ континуирано се грижеше и законски ги зголемуваше платите на наставниците.

„Кога СДСМ беше на власт, ние се грижевме, им дававме поддршка и ги покачувавме платите постојано и најважно тоа го правевме по закон и договор. Оваа Влада не ги почитува тие што ја градат иднината на нашите деца“, посочи Филипче, и додаде дека никогаш досега Македонија не била толку изневерена од својата власт, никогаш досега не немало толку празни ветувања и лаги, како сега од ВМРО-ДПМНЕ и нивната измама на последните избори.

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ станаа заложници на своите лажни ветувања, а со тоа ја држат во заложништво и Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

На почеток