Македонија

Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Португалската Република, Жозе Руи Вележ Каросо

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Жозе Руи Вележ Каросо, новоименуваниот амбасадор на Португалската Република, со седиште во Белград.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји и посочи дека постојат бројни можности за натамошно искрено продлабочување на соработката, како на билатерален, така и на меѓународен план, со посебен интерес за интензивирање на економските врски.

Нагласувајќи дека континуираната поддршка од Португалската Република за интеграцијата на земјите од регионот во европските структури, а во тие рамки и на нашата држава, секогаш била од голема важност, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека е значајно истата да продолжи со уште поголем интензитет во периодот којшто следи.

„Заслужуваме да ги отпочнеме преговорите за пристапување во ЕУ без натамошно одложување. Сакам да повторам дека и јас и Владата остануваме целосно посветени на неопходните реформи поврзани со нашата интеграција во ЕУ. Сепак, овој процес мора да се спроведе во согласност со критериумите од Копенхаген. Ако нашиот процес на интеграција во ЕУ не се дебилатеризира, верувам дека тоа ќе постави штетен преседан за сите идни земји кандидати. Другите држави можат да користат билатерални спорови како изговор за блокада на патот на земјите кандидати“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Португалскиот амбасадор Жозе Руи Вележ Каросо во своето обраќање истакна дека заедничките вредности што ги обединуваат двете земји, како и соработката во рамки на НАТО, во корист на евроатлантската безбедност, се од особено значење за обезбедување на слободата и демократијата. Тој нагласи дека Португалија целосно го поддржува влезот на нашата земја во ЕУ, како и на другите земји кандидати од Западен Балкан додавајќи дека со реформската агенда и Планот за раст, ова е момент на можност за сите кој не треба да се пропушти.

„Во овие времиња на предизвици со кои сега се соочуваме на глобално ниво, со агресивната војна во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, како и со многу други штетни, насилни и страшни трагедии ширум светот, императив е заеднички да се бранат правдата и мирот, со мултилатерална перспектива, според принципите на Повелбата на Обединетите нации“, рече новоименуваниот португалски амбасадор на церемонијата на предавање на акредитивите.

Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорот Жозе Руи Вележ Каросо му посака успех во извршувањето на одговорната функција.

На почеток