Трипуновски од Белград: Една од основните цели во водењето на македонската земјоделска политика е искористување на природните ресурси со почитување на начелата за заштита на природата и животната средина
„Природните богатства, вклучувајќи го земјоделското земјиште, растителниот и животинскиот свет, се уставно дефинирани како добра од општ интерес за државата и уживаат посебна заштита, за што истите се третираат и во поедини Закони, меѓу кои и повеќе Закони во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на денешната конференција во Белград насловена „Трансформација прехранбених система“.
„Се стремиме земјоделските стопанства да го спроведуваат концептот на „зелено“ земјоделство како логичен и природен начин за извршување на земјоделските активности. И истите активности постепено ги прошируваме и прилагодуваме согласно нашето постепено прилагодување кон Заедничката земјоделска политика на ЕУ и „Зелената агенда“ на ЕУ“, нагласи Трипуновски.
Тој додаде дека во водењето на македонската земјоделска политика една од основните цели е оптимално искористување на природните ресурси со почитување на начелата за заштита на природата и животната средина. Во овој стратешки период оваа цел е дефинирана како една од основните стратегиски цели: Примена на еколошки практики во производството кои водат кон намалување на влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите.
„Вака поставената цел треба да обезбеди зајакнување на отпорноста на земјоделскиот сектор кон климатските промени преку примена на нови иновативни практики и секако нови земјоделски системи – регенеративното земјоделство, за што е потребна буџетска поддршка и креирање на повеќе мерки и инструменти, како од националните програми но и од ИПАРД програмата на ЕУ“, истакна министерот Трипуновски.
„Да се постигнат овие цели се стимулираат практики кои треба да придонесат кон прилагодување на земјоделството на климатските промени преку мерки со зголемен интензитет на кофинансирање на потребни инвестиции. Инвестициите се насочени кон ублажување и прилагодување кон климатските промени, како што се поддршките за набавка на заштитна опрема (мрежи за засенчување и друга опрема), ефикасни системи за наводнување и рационално користење на водата, поддршка за промена на сортите соодветни на идниот климатски режим, особено за најчувствителните подсектори. Внимание се обраќа и на стимулирање на инвестиции за производство на енергија од одржливи извори на самите земјоделски стопанства и подобрување на нивната енергетската ефикасност“, појасни тој.
Министерот посочи дека особено се значајни активностите за поддршка на земјоделците за примена на еколошки и климатско подобни земјоделски практики, како и обуки за примена на нови земјоделски системи (вклучувајќи го и регенеративното земјоделство), со цел намалување на влијанието од климатските промени.