ЕУ: Имаме информации дека фабрика во Кина произведува дронови за Русија
ЕУ ќе бара одговори од Пекинг поради разузнавачките податоци дека кинеска компанија произведува воени беспилотни летала за употреба во руската војна против Украина, изјави висок претставник на ЕУ.
„Имаме разузнавачки извештаи за постоење на фабрика во Кина која произведува беспилотни летала кои се испорачуваат на Русија“, изјави висок претставник на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен.
Официјалниот претставник изјави дека ЕУ мора да утврди дали Пекинг знаел за активностите на компанијата и дали производството на беспилотни летала претставува „директна соработка за воена опрема меѓу Кина и Русија“.
„Доколку конечно го потврдиме трансферот на беспилотни летала од Кина во Русија, ќе има последици“, додаде претставникот, кој не прецизираше какви последици би можеле да следат.
Коментарите, кои доаѓаат повеќе од еден месец откако Ројтерс првпат објави за фабриката за дронови, сигнализираат заострување на ставовите кон Кина по реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД.
Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски ги повика земјите од ЕУ да се обединат зад политиката на Трамп кон Кина.
Кинеското производство на беспилотни летала ќе биде главна тема на состанокот на европските министри за надворешни работи во Брисел следната недела, изјавија тројца дипломати, кои исто така сакаа да останат анонимни.
„Ќе мораме многу внимателно да размислиме дали Кина отстапува од својата јавно искажана позиција на неутралност во однос на украинскиот конфликт“, рече еден дипломат на ЕУ.
Пекинг тврди дека не зазел страна во конфликтот меѓу Русија и Украина.
Иако претставниците и дипломатите на ЕУ не прецизираа какви мерки би можеле да се преземат, една од опциите што се разгледува е да се додадат уште кинески компании на списокот на компании од трети земји под санкции на ЕУ, рече друг дипломат на ЕУ.
ЕУ претходно го санкционираше Иран за производство на оружје за Русија, но не и Кина. Висок функционер на ЕУ рече дека Брисел ќе ја примени истата процедура за Кина како и за Иран.
Запрашан што треба да знае ЕУ пред да преземе дополнителни активности, функционерот рече дека блокот се обидува да утврди дали производството на фабриката е наменето за Русија, дали беспилотните летала се испорачани во Русија и дали кинеските власти се запознаени со активностите на компанијата.
Официјалниот претставник додаде дека „тешко е да се поверува дека тоа е направено без знаење“.