Македонија

Владите на ДПМНЕ и СДС намерно ги пропаѓаат Македонски пошти, вели Левица

„Владите на ДПМНЕ и СДС, водени од лични и лукративни интереси, намерно раководат лошо со „Македонски пошти“ со цел пропаст на државната институција и нејзино приватизирање. За ваквите постапки мора да следат соодветни санкции, предвидени со закон, но и политичка одговорност, во спротивно нема да се превенираат намерните злоупотреби во иднина, што ќе доведе до тотален крах на институцијата“, велат од Левица.

„Последната злоупотреба е со зголемување на платите на екс-директорката – Бујаре Абази и нејзиниот заменик додека вработените се борат со нередовни примања, несоодветни услови за работа, слаба поддршка и ресурси, што е противзаконски и морално неприфатливо.

Овој потег не само што е во спротивност на Законот за трговски друштва, туку е посебно скандалозен во време кога поштенскиот сервис се соочува со сериозни финансиски проблеми, недоволно модернизирани и неквалитетни услуги, прогресивно опаѓање на довербата кај корисниците, но и се јавува како еден од најлошите работодавачи во државава.

Особено загрижува фактот што актуелниот директор Орхан Куртиши, кадар на Алтернатива, гледа оправданост во зголемениот процент на платата на неговите претходници! Неговиот изговор е дека тие имале најниски плати споредено со директорите во другите институции. Ова оправдување на постапките на Абази од страна на Куртиши е јасен показател дека ни актуелниот менаџмент, како и до сега, не е загрижен за бездната во која е втурната „Пошта“.

Левица повикува на одговорност и ревизија на работењето на раководните лица не само во Македонски шуми туку во сите јавните сервиси. Потребна е поголема транспарентност, ефикасност и отчетност, со цел да се гарантира дека ресурсите се користат за интересот на граѓаните и општеството, а не за лични придобивки“, соопшти Левица.

На почеток