„Шумите изгореа, а власта го крати буџетот“, Левица нуди решенија
„Македонските шуми исчезнуваат под тежината на системска негрижа, неказнивост, политичката злоупотреба и тактизирање! Според најновата мапа на проф. д-р. Ивица Милевски, изработена врз основа на податоци од Hansen Global Forest Change датабазата, шумските површини во Македонија се алармантно намалени од 2000 до 2023 година. Загрозени се највредните природни предели – Скопска Црна Гора, Јакупица и околината на Охридското Езеро, а не се поштедени ниту националните паркови“, велат од Левица.
„Доколку на ова би се додала и состојбата со пожарите во 2024 година, кога изгоре околу 90.000 хектари површина или 3.6% од територијата на Македонија – ситуацијата е навистина загрижувачка.
Овие загуби се доказ за хроничната негрижа и неодговорност на владејачките структури.
Државните институции систематски го игнорираат уништувањето на едно од најдрагоцените природни богатства на Македонија. Неказнивоста за подметнатите пожари и неконтролираното дрвокрадство се само врвот на ледениот брег. Надлежните одбиваат да создадат функционален шумски катастар, со што се остава простор за злоупотреби и хаос. Покрај тоа, ЈП „Национални шуми“ наместо да биде столб на заштита и одржливост, е претворено во алатка за партиски вработувања и злоупотреба на ресурси.
Лежерноста на владејачките елити продолжува, па како круна на сета оваа катастрофа – Владата на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ, понуди намален буџет за шумарство за 2025 година!
За спречување на понатамошниот пустош, пратениците Реџеп Исмаил и Сашко Јанчев од Левица, поднесоа амандмани со кои се бара зголемување на средствата за набавка на современа противпожарна опрема и буџет за ревитализација на уништените шумски предели.
За потсетување: пратениците од Левица овој мандат предложија законски измени со цел дестимулирање на намерното палење на шумите и подметнувањето шумски пожари. Измените предвидуваа 50 годишна забрана за било каква урбанизација, градење објекти, поставување на фотоволтаични централи, сеча на дрвја на површини коишто биле зафатени од пожар. Владејачкото мнозинство од ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ не гласаше за овој предлог на Левица.
Без итни мерки, последиците ќе бидат катастрофални! Уништувањето на шумите веќе предизвикува ерозии, свлечишта и поплави, со ризици од долгорочни еколошки и економски штети. Неодговорноста на владејачките структури во последните две децении ја претворија Македонија во жртва на сопствената негрижа.
Оваа криза е последен аларм за суштински промени и одговорност за оние кои со години ја запоставуваат и уништуваат нашата природа.
Без акција денес, Македонија утре ќе се соочи со последици коишто нема да може да ги поправи!“, соопшти Левица.