Потпишување Партнерството за безбедност и одбрана помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија – Министерот Муцунски во работна посета на Брисел
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што, заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, ќе го потпишат Партнерството за безбедност и одбрана помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. Потпишувањето и работната средба ќе се одржат на маргините на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи.
Склучувањето на Партнерството за безбедност и одбрана претставува значаен чекор во продлабочувањето на практичната соработка меѓу Северна Македонија и Европската Унија. Ова партнерство ќе овозможи заедничко справување со хибридните закани, унапредување на сајбер безбедноста, борба против тероризмот, спроведување на мисии и операции, како и соработка во други области од доменот на одбраната и безбедноста.
Северна Македонија, заедно со Албанија, се првите земји од регионот на Западен Балкан со кои ЕУ ќе воспостави ваков вид на партнерство. Овој значаен чекор следува по слични договори склучени со Канада, Норвешка и Молдавија, кои дополнително ја истакнуваат посветеноста на Унијата на јакнење на европската безбедносна архитектура.
По, потпишувањето, предвидено е во 16 часот министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел да одржат заедничка прес конференција.