Вучиќ: Ако имате 10 чекори до целосна катастрофа, ние веќе преминавме девет
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја коментираше ескалацијата на конфликтот во Украина
„Не сум сигурен дека некој мировен предлог може да помине. Ги познавам двете страни. Ниту Володимир Зеленски може да се откаже од својот интегритет и Уставот, ниту Путин може да се откаже од својот Устав во кој четири области веќе станаа составен дел на Русија. Сите одат со максималистички барања, а кога се оди со максималистички барања, се плашам дека работите ќе завршат со катастрофа“, рече тој.
Тој тврди дека имал информации од еден од светските центри на моќ дека може да има Божиќно примирје. „Надеж ми даде информацијата дека некој ќе понуди Божиќно примирје. Сега, како што гледам, ништо не излезе од тоа. Тоа требаше да трае 15 дена“, нагласи тој, пренесува српски Телеграф.
„Ова што се случува сега не води само до светска катастрофа“
Тој истакна дека имал отворен разговор со Володимир Зеленски и дека украинскиот претседател малку му се налутил кога зборувал за компромис и примирје. Тој претпоставува дека и Путин ќе му се налути бидејќи „не му се допаѓа примирјето во овој момент“.
Тој предупреди дека светот е на работ на целосен нуклеарен конфликт. „Ние сме целосно неподготвени. Имаме место за 257.000 луѓе во засолништата и ќе треба да разговараме со луѓе кои имаат спортски сали, пералници, продавници, за да ја достигнеме бројката од 1,5 милиони луѓе што можеме да ги сместиме во засолништа“, рече тој.
„Ова што се случува сега не води само до светска катастрофа, исто како што за жал предвидов. Ако имате 10 чекори до целосна катастрофа, ние веќе преминавме девет“, рече тој.