Левица во Пекинг на дијалог со Комунистичката партија на Кина
Потпретседателот на Левица,Реџеп Исмаил, заедно со портпаролот на Партијата, Амар Мециновиќ, на покана на Комунистичката Партија на Кина, земаа учество во Дијалогот за соработка на КПК со политичките партии од земјите на Централна и Источна Европа, кој во рамките на иницијативата CEEC се одржа во главниот град на НР Кина – Пекинг, извести Левица.
Темата на овој дијалог е „Модернизацијата на НР Кина и новите перспективи и можности за соработка со земјите од Централна и Источна Европа: Придонесот на политичките партии”.
Во рамки на првата сесија на Дијалогот, која се одржа вчера, како претставник на Левица, единствена партија од Република Македонија, се обрати Потпретседателот на партијата и пратеник во Собранието на РМ, Реџеп Исмаил.
Исмаил, истакнувајќи ја важноста на соработката со НР Кина за целиот регион, подвлече дека искуството и модернизацијата на НР Кина е пример за успешноста на социјализмот наспроти либералниот капитализам кој ги разори поранешните социјалистичките земји од Источна и Централна Европа.
Развојот на НР Кина е сведоштво и доказ за правилните одлуки на КПК, додека пак социјализмот со домашни карактеристики, како идеен темел, претставува светлост кон патот до праведно општество.
Во своето излагање Исмаил се осврна на важноста на соработката со НР Кина на земјите од нашиот регион, идентификувајќи три предности во рамките и можностите на оваа соработа:
Политичка предност од соработката со НР Кина, поради принципите на заедничка корист, подеднаков, фер третман и целосна почит кон суверенитетот, кои ја карактеризираат соработката на НР Кина со другите земји.
Економската и финансиска предност поради веќе докажаната стабилна и просперитетна економија на НР Кина која е во корист на својот народ, но и другите околу него.
И третата предност од соработката, Исмаил ја идентификува во географската положба на регионот како мост на трговијата помеѓу целиот европски континент и НР Кина – со што на целиот регион му дава можност да ја зацврсти својата положба во меѓународните односи и да обезбеди благосостојба за своите граѓани.
Крајно, земајќи ја предвид економската криза која се наговестува во ЕУ, логично е НР Кина да се наметне и да претставува важен партнер на Европа во развивањето на економијата и создавање на позитивни последици за сите земји на ЕУ, како и останати земји на континентот, соопшти Левица.