Македонија

(Видео) ДПМНЕ го одби амандманот на Левица за решавање на проблемот со депонијата во Кочани

ДПМНЕ го одби амандманот на Левица за решавање на проблемот со депонијата во Кочани, поднесен од пратеникот, Борислав Крмов.

– Проектот мора да го завршите до 2026. Тоа значи дека уште 2 години има потенцијал да гори таа депонија и да ги труе кочанчани со канцероген чад. Како пратеник од Левица, барам еден милион евра тоа да не се случува. Тоа не се мои лични барања, тоа се барања на кочанчани, на вашите сограѓани – истакна Крмов, обраќајќи се кон Миле Лефков од Кочани, пратеник од ДПМНЕ.

Крмов потенцираше дека Јавното претпријатие „Водовод“ – Кочани, кое во два мандати го водеше членот на ДПМНЕ и сегашен градоначалник, Љупчо Папазов, е руинирано.

– ЈП „Водовод“ не може ни кочанското ѓубре да го сврти. Со она што го правите со 30 метра ограда, со две смешни камери, со чувари кои не се ни соодветни и за кои не знаеме дали биле таму или не, нема ништо да постигнете. Сонувале кочанчани за регионална депонија кај Мечкуевци. Таму е, исто така, огромен проблем, додаде пратеникот од Левица.

На коментарот од Лефков дека депонијата 7 години горела, Крмов потсети дека и во 2021 во Кочани ДПМНЕ ја држеше локалната власт, којашто е надлежна за депонијата.

– Јас сум против несоодветен проект којшто ќе го претвори Св. Николе во ѓубриште. Не е поентата да се пресели хаваријата од едно место во друго. Не е поентата да се реши проблемот за кочанчани, а да се створи проблем кај светиниколчани. Проблемот треба да се реши за сите, што значи дека треба да ги прифатите овие еден милион евра за соодветно да се третира депонијата до нејзино затворање и понатаму – да го прекинете тој проект за регионална депонија и да го почнете од почеток.

За сличен проект во Словенија, минимум 5 години е правена примарна селекција на ѓубре, пред да се стави шајка на регионалната фабрика, не – депонија, за преработка на отпад. Вие немате почнато ништо! Тоа ќе биде хаос каде што 320.000 жители ќе депонираат ѓубре во депонија блиску до гратче со 7000 жители. Тоа се 18 општини, кои неселектиран отпад ќе носат на депонијата – пластика измешана со стакло и сл.; органскиот отпад ќе ви тече од камионите по регионалните патишта кои не се соодветни за да се донесе ѓубрето до регионалната депонија. Само камионите од Куманово и од Крива Паланка што треба да депонираат отпад до Св. Николе, ќе треба да поминат низ центарот на Св. Николе и пола отпад ќе го остават на улиците – образложи Крмов.

Тој апелираше за итно решавање на проблемот, а го повика Лефков „да излезе и самиот да им каже на светиниколчани како ќе се решава проблемот на нивни грб“.

На почеток