Свет

Трамп го именуваше свекорот на својата ќерка Иванка за амбасадор во Франција

Доналд Трамп го именуваше њујоршкиот бизнисмен со недвижности Чарлс Кушнер за нов амбасадор на САД во Франција.

За него тој напиша: „неверојатен лидер, филантроп и човек кој склучува договори“.

Седумдесетгодишниот Кушнер е татко на Џаред Кушнер, женет за ќерката на Трамп, Иванка.

„Неговиот син Џаред тесно соработуваше со мене во Белата куќа. Заедно ќе го зајакнеме партнерството на Америка со Франција, нашиот најстар сојузник и еден од најголемите“, напиша Трамп.

Кушнер е основач на фирмата „Кушнер компанис“, а бил и адвокат. Во 2005, федерална порота го обвини за незаконски придонеси за кампања, даночно затајување и за влијание врз сведоци. Кушнер, се изјасни за виновен во 2004 година по 18 точки од обвинението.

Мина две години во затвор, по што се врати во бизнисот со недвижности. Еден месец пред да му истече првиот мандат во 2020, Трамп го помилува Кушнер.

На почеток