Свет

Русија и Белорусија потпишаа воен пакт, Лукашенко го побара Орешник, Путин вети: „Ќе го добиете следната година“

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека во втората половина на следната година Русија би можела да распореди нова суперсонична ракета Орешник со среден дострел на територијата на рускиот сојузник Белорусија.

Неговата најава е одговор на барањето на белорускиот претседател Александар Лукашенко на самитот во Минск каде двајцата лидери потпишаа воен пакт.

Денеска Путин му рекол на Лукашенко дека Белорусија, која ја дели границата со членките на НАТО, Полска, Латвија и Литванија, ќе одреди цели за Орешниците распоредени на нејзина територија.

„Во врска со распоредувањето на ова, искрено кажано, застрашувачко и зачудувачки оружје како Орешник, на територијата на Белорусија, можам да кажам дека со оглед на тоа што денеска потпишавме договор за безбедносни гаранции користејќи ги сите сили и средства кои ни стојат на располагање, верувам дека распоредувањето на таков систем на територијата на Република Белорусија е изводливо“, рече Путин.

„Мислам дека тоа ќе биде можно во втората половина на следната година, бидејќи сериското производство на овие системи се зголемува во Русија и кога тие ќе влезат во употреба со стратешките руски сили“, додаде Путин.

Минатиот месец Русија го испука проектилот „Орешник“ над украинскиот град Днипро, опишувајќи го како прво тестирање на оружјето во борбени услови. Путин потоа рече дека Русија „тестирала еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел под борбени услови“ и додаде дека хиперсоничната ракета може да носи нуклеарни боеви глави и дека е невозможно да се пресретне.

На почеток