Филипче: Делото на Св.Климент Охридски е аманет и патоказ кон прогрес и заедништво
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, упати честитика до граѓаните по повод денешниот голем државен празник Свети Климент Охридски, кој истовремено е и патронен празник на бројни државни институции и установи во државава, меѓу кои и НУБ „Св.Климент Охридски“ – Скопје и Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола.
„Честит и вековит нека е денешниот празник посветен на Свети Климент Охридски, патрон на македонската култура и меѓу најзначајните личности за македонската писменост.
Просветителското дело на Свети Климент Охридски на македонско тло, вербата и истрајноста со коишто тој ја ширел словенската писменост, се наш аманет и патоказ дека сè е можно и дека за сè постои начин, ако се умее и ако се сака. Огромно е значењето на Климент Охридски во создавањето на првото словенско писмо. Во времиња на прогонства и осуди, успева да го основа и првиот своевиден балкански и европски универзитет, Охридската книжевна школа, речиси два века пред првите официјални универзитети во Европа.Токму поради мисијата со којашто духовно и културно ги обединува народите во Европа, завзема посебно место и во европскиот цивилизациски развој.Да се има ваква личност во македонската историја е чест и обврска. Ние ја продолживме светиклиментовата мисија и денес македонскиот јазик е на рамноправно рамниште со јазиците на земјите членки на ЕУ, во НАТО и во ОН. Но, секое време има потреба од идејност и решителност и правецот за сите се прогресот и заедништвото“, стои во честитиката на Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче,по повод денешиот празник упати честитка и до Македонската православна црква – Охридска архиепископија, чиј патрон е Свети Климент Охридски, како прв словенски епископ на просторите на Југоисточна Европа.