Агелер фрли ракавица: Ако доказите за Груби и Беџети се достапни за САД, тогаш се и за македонските институции и судство
Политичари и судија на „црна листа”, македонските институции спијат
Вчера одекна веста дека екс вицепремиерот и човек од доверба на Ахмети, Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, се ставени на американската ,,црна листа”.
Причина е политичко мешање и обиди за оцрнување на судството во државата, соопшти на прес-конференција американската абасадорка,
Анџела Агелер.
На Груби и Беџети, како и на нивните најблиски им е забранет влезот во САД, а во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции.
@Дополнителни санкции исто така се разгледуваат во Вашингтон. Согласно американските закони, ние мора да назначиме поединци за кои е докажано дека учествувале во значителна и штетна корупција, без разлика на нивните улоги, минати или сегашни. Се вели дека „Правдата е слепа“, бидејќи мора да биде непристрасна и објективна кон сите, без разлика на нивната политичка партија, пол, етничка припадност или позиција”, рече Агелер.
Таа посочи дека црната листа ќе се проширува и со други имиња кои не се само политичари. Како што кажа, американскиот Стејт департмент нема да ги достави доказите против Артан Груби и Енвер Беџети на македонските власти, поради строгите правила во САД за почитување на приватноста. Но, им фрли ракавица на македонските институции и судство, ако доказите за Груби и Беџети се лесно достапни за САД, тогаш се и за македонските институции и судството кои треба да постапат.
,,Ние сме обврзани согласно закон да ги назначиме и да ги санкционираме тие индивидуи за кои имаме силни докази за криминал и корупција. Што ќе се случува понатаму, зависи од спроведувањето на законот и судството во оваа земја. Но, би кажала дека доколку ние ги собереме тие докази, можат и тие”, изјави Агелер.