Македонија

Судијата Беџети по „црната листа“, не се појавува на работа

Судијата Енвер Беџети, кого САД го сместија на т.н. „црна листа“ поради коруптивни дејанија во судството со ексвицепремиерот Артан Груби, вчера не се појавил на работа. Според информации на „Скопје1“, тој нема да се појави ниту денеска. Има два начини да го оправда отсуството – боледување или да земе одмор. Засега нема официјални податоци, ниту пак, најава дека ќе се повлече од судиската функција. Став нема ниту од Судскиот совет, надлежен за именување и разрешување на судии.

Беџети беше најповикан во јавноста кога во Апелација, предметот „Таргет-тврдина“ за масовното прислушување стоеше во фиока со месеци. Откако пресудата на Кривичен беше укината и предметот требаше да се суди од почеток – застари. Па така, немаше никаква одговорност за Сашо Мијалков, кој исто така е на „црната листа“. Но ова не е единствен предмет кој бил „заборавен“ во фиока. Истото се случуваше и со „Транспортер“ каде обвинет е ексградоначалникот на Битола, Владимир Талевски. Истиот судија, Беџети, три години, како судија известител го чувал во фиока.

За предметот со прислушувањето, Судски совет нотираше прекршување на постапката и тогаш, го казни Беџети со намалување на платата. Немаше осум гласа, за негово разрешување.

Засега нема информација ниту од Обвинителството, дали по гласните повици од амбасадорката на САД, Агелер, ќе се отпочне со итна истрага и ќе се собираат докази против Беџети, но и Артан Груби, кој исто така се најде на т.н. „црна листа“.

На почеток