Македонија

Важен сведок од случајот за убиството на Вања, осомничен дека палел кафуле два дена пред судењето кога требаше да сведочи

Сведокот Гоце Трајковски кој во два наврати не се појави на судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, доби статус на осомничено лице – за подметнување на пожар во кафуле во Кисела Вода. Два дена пред да треба да се појави во суд и да каже како собирале докази со Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, тој со уште две лица отишол и запалиле кафуле во стамбена зграда.

„Во однос на сведокот Гоце, тој е осомничен за друго тешко кривично дело и е во моментов недостапен за органите на откривање и органите на прогон. Тој е осомничен за палење на објект-кафуле во кој, над објектот живеат станари. Се работи за тешки дела против општата сигурност, во кој две лица соизвршители“, рече шефот на скопските обвинители, Гаврил Бубевски.

Практично, Гоце Трајковски требаше да сведочи на 15 ноември. Неговата мајка, Кираца, која е сведок, кажа дека нејзинот син е во лоша здравствена состојба и затоа не дошол. Тој е поканет да се појави на следното рочиште за неколку дена. Доколку не се појави, ќе се чита неговиот исказ во Обвинителство, а со оглед дека е во бегство.

Инаку, тој се сомничи за намерно палење на угостителски објект.

„На 13 ноември, околу 3 часот наутро, тројцата со пожар предизвикале имотна штета од поголема вредност во износ од околу 450 илјади денари. Со оглед на тоа што кафулето е лоцирано во поголема станбена зграда, постоела опасност тие со пожарот да предизвикаат и значителна опасност за животот и телото на станарите. На местото пристигнале со автомобил “Фолксваген голф“, се паркирале во близина на кафе барот, а едниот осомничен останал во возилото да чека. Вториот осомничен зел секира од багажникот и го скршил лизгачкото стакло, додека третото лице кое е идентификувано и се преземаат мерки за негово пронаоѓање, запалило оган со бензин. Потоа сите заедно избегале од местото. Истрагата е отворена, бидејќи со дејствијата како соизвршители предизвикале – Тешки дела против општата сигурност по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. За двајцата осомничени кои се веќе обезбедени, по предлог на јавниот обвинител, определена им е мерка притвор“, вели Обвинителството.

Трајковски во случајот за Вања, требаше да каже како ги поврзал двете убиства – на Вања и Панче. Да раскаже и како дошол до снимките од видео надзорот, од каде црпел информации, каква е поврзаноста на таткото Александар.

На почеток