Поранешна пратеничка против Уставен: Па зошто Македонците да не го познаваат и албанскиот јазик
Никица Корубин, поранешна пратеничка и аналитичар, со статус на „Фејсбук“ ја критикува одлуката на Уставниот суд во однос на Законот за јазиците:
„Само-делегитимирањето на уставните судии да го заштитат уставно загарантираното право на употребата на албанскиот јазик, како службен јазик, преку “барање помош од странски експерти” е всушност најголемата политизација на уставниот суд, која тие гласно ја префрлаа кон другите. Па, ако тие самите не се уверени во сопствената стручност и непристрасност, зошто граѓаните би биле уверени во нивната?
Оваа добро позната тактика, “на купување на време” сеприсутна во политичкиот живот, се прелеа и на институциите. Кои се всушност и системот на една држава, а последователно функционалност на едно општество. И само ја продолжија, наместо да ја скратат, агонијата на заблудата со која систематски се храни ова општество. Агонијата на уште една замрзната, темпирана статус-кво ситуација.
Заблуда за јазикот и неговата суштина. Заблуда за идентитетот и неговата заштита. Заблуда за позицијата на државата и односот кон меѓународната заедница. Заблуда за стратешките и темелни меѓународни договори. И ако со таа заблуда (не)свесно се задојуваат граѓаните, кој ќе го штити системот? Од задојувањето и заробувањето. Но, од сите заблуди, заблудата за албанскиот јазик е најдолго присутна.
И стои на врвот на наменските “фобии и стравови”. (Дис)квалификуван и сатанизиран, како една од најголемите опасности за Македонците и нивниот (вечен) страв од “другите” од него направи врвно страшило. И не е само стравот Албанците да говорот на сопствениот јазик, поголемиот страв е Македонците да го разбираат албанскиот јазик. И затоа тие никогаш и не смеат да го научат албанскиот јазик.
А, нели “јазикот наш насушен” е сржта на идентитетот, па како тогаш нашиот етнички идентитет е клучен, а другиот е непожелен? Оваа опасна релативизација, освен што на површина ја вади манипулацијата (и со македонскиот и со албанскиот јазик), уште повеќе го открива класичниот шовинизам и чувство на супериорност. Изворно не-македонски, ама ефективно токму македонски. Правејќи од Македонците “џелати”, наместо “жртви” и на себе и на другите.
И токму затоа, секогаш таргет беше емотивниот, а не рационалниот сегмент: не е битно што Албанците говорот албански јазик во “нивните средини”, битно е албанскиот јазик никогаш да не се говори во “нашите средини”. Да ги “гетоизираме”, за случајно јазикот да не се прелее и да го научат и другите. Затоа што мултиетничноста токму тоа и подразбира, можност од најрана возраст да говориш повеќе јазици, па зошто Македонците да не го познаваат и албанскиот јазик?
Кога веќе “франкофонската” Северна Македонија, отсуствуваше од најголемиот културен и цивилизациски настан, лекцијата за реставрација и конзервација на Нотр Дам (Notre Dame), кога веќе францускиот исчезнува пред налетот на англискиот и германскиот јазик; зошто е толку голем тој “грев” да се знае и албанскиот јазик? Таман ќе најде примена, при “слободното движење на стоки и луѓе” во Отворен Балкан.
И затоа е потребно тоа статус-кво, политичко, институционално и пред се’ ментално. Заробена и затворена свест живее во заблуда, а не во реалност. И наместо нашите лингвисти да предложат воведување и на албанскиот јазик во основните училишта за сите, тие во (пост)југословенски супремациски манир, говорат за ексклузивитетот на македонскиот јазик. Па, токму на тој начин и со меѓусебно почитување, вреднување и говорење, ќе се постигне и најголемата заштита на јазикот. На граѓанска држава со граѓански устав и со заштитена етничка припадност, кои уставните судии, одбиваат да ја бранат на јасен и недвосмислен начин.
И затоа треба да се повика на учење и на албански и грчки, и бугарски и српски, и на било кој соседен или близок јазик. Само така, ќе се негува и сопствениот македонски јазик. А, јазикот на заблудата, конечно ќе се замени со јазикот на рационалноста и вистината. Вистината за тоа каква држава и општество, мора да имаме.
Никица Корубин како пратеник влезе од редовите на ЛДП, за потоа да објави дека ќе продолжи да делува во Собранието како независен пратеник и како фракција во ЛДП.