Врие во Детската клиника „Козле”
Преписки и обвинувања меѓу група лекари и директорката од ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Група доктори во упатија официјално протестно писмо до премиерот, министерот за здравство, и националниот координатор за здравство кое е потпишано од 30 доктори.
Тие изразуваат загриженост за, како што велат, катастрофалната состојба во која се наоѓа болницата, која повеќе од 50 години се сметала за еден од столбовите на детската здравствена заштита во државата.
Ја обвинуваат актуелната директорка, Каролина Симоновска за нестручно раководење и сериозни пропусти кои ја доведоа клиниката до крајна деградација, особено во областа на бронхоскопијата. По нејзиното назначување за директор, бројот на извршени бронхоскопии паднал од 67 во 2023 година на само три во текот на 2024 година.
Во отвореното писмо обвинуваат дека директорката ја попречува нормалната работа на клиниката, нелегално разрешува стручни и искусни кадри и поставува на значајни позиции лекари без доволно искуство.
Докторите бараат итно разрешување на директорката, велејќи дека ако ситуацијата не се промени, ќе го прекинат работењето, ќе стапат на штрајк или ќе поднесат откази.
Се огласи и директорката, посочувајќи дека таа и стручниот колегиум ги демантираат сите обвинувања кој претставуваат ноторни невистини.
,,Клиниката е комплетно екипирана, сите оддели работат непречено и за прв пат после 7 години амбулантите ги покриваат лекари специјалисти педијатри во тек на 24 часа. Оваа мала група на незадоволни поединци бараат од Директорката да се вратат специјализантите во амбулантите и ги гледаат само своите лични интереси. Директорката ужива голема поддршка од мнозинството од сите профили на вработени. Во Бронхоскопскиот кабинет непречено се реализираат дијагностички и терапевтски бронхоскопски процедури од страна на стручни и специјализирани кадри. Оваа група на незадоволни поединци кои што се политички мотивирани вршат огромен притисок и го рушат кредибилитетот на институцијата и другите доктори и останатиот персонал”, стои во дописот до јавноста.