Трудо: Трамп сака да го одвлече вниманието од влијанието на царините со неговите изјави за припојувањето на Канада кон Америка
Канадскиот премиер Џастин Трудо во средата изјави дека коментарите на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, за можна анексија на Канада се тактика дизајнирана да го одвлече вниманието од влијанието на неговите предложени тарифи.
Трамп, кој рече дека ќе воведе царини од 25 отсто на сите канадски увозни производи, освен ако официјална Отава не ја засили граничната безбедност, во вторникот рече дека може да употреби „економска сила“ за да ја направи Канада 51-та американска држава.
„Она што мислам дека се случува е дека претседателот Трамп, кој е многу вешт преговарач, некако им го одвлекува вниманието и ги збунува луѓето со овие изјави“, изјави Трудо за Си-Ен-Ен.
„Нафтата, гасот, струјата, челикот, алуминиумот, дрвото, бетонот и сè друго што американските потрошувачи купуваат од Канада одеднаш ќе станат многу поскапи ако тој продолжи со овие тарифи“, истакна тој.
Трудо, кој оваа недела рече дека шансите на Канада да стане дел од Соединетите држави се приближно исти како снежни топки во пеколот, повтори дека Отава ќе воведе контрамерки доколку Трамп ги следи неговите најави.
Трудо потсети дека за време на билатералниот трговски спор во 2018 година, Канада воведе тарифи за кечап Хајнц, карти за играње, бурбон и мотоцикли Харли Дејвидсон – „работи што ќе им наштетат на американските работници“.
Но, тој додаде дека Канада не сака да го стори тоа бидејќи ги зголемува цените за Канаѓаните и го повредува својот најблизок трговски партнер.