Стоилковиќ: ДУИ креираат виртуелна реалност и опасности за потоа да ги решаваат
Во Собранието не помина ниту интерпелацијата за вицепремиерот Иван Стоилковиќ . Пратениците со седум гласа „за“ и 52 „против“ ја отфрлија интерпелацијата за работата на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Стоилковиќ.
Интерпелацијата ја поднесе Европскиот фронт.
Дијана Тоска, пратеничка од коалицијата „Европски фронт“, рече дека Стоилковиќ место да биде гаранција за хармонија и стабилност, се претвори во симбол на неспособност и отсуство на волјата да се почитуваат основните принципи на правото.
Го обвини за неспособност при менаџирање на меѓуетничката состојба и упати прашања како се почитува албанскиот јазик и албанското знаме.
Стоилковиќ одговарајќи на наводите за неговата интерпелација, рече дека суштината се затскривала зад приказната како тоа Србин може да биде министер во македонската Влада.
Според него, ДУИ глумела жртва подолг период и додаде оти глумат и сега.