Свет

Нови детали за катастрофалната авионска несреќа: „Црните кутии“ престанале да снимаат четири минути пред падот

Податоците за летот и гласовните снимачи од пилотската кабина на авионот „Џеџу Ер“ кој се урна на 29 декември престанале да снимаат околу четири минути пред авионот да удри во бетонска конструкција на јужнокорејскиот аеродром Муан, соопшти тамошното Министерство за транспорт.

Властите кои ја истражуваат катастрофата во која загинаа 179 луѓе, најлошата на јужнокорејско тло, планираат да анализираат што предизвикало прекин на снимањето на „црните кутии“, се вели во соопштението на Министерството.

Гласовниот рекордер првично беше анализиран во Јужна Кореја, а кога беше откриено дека податоците недостасуваат, тој беше испратен во лабораторија на американскиот Национален одбор за безбедност на транспортот, додаде Министерството.

Оштетениот рекордер за податоци за летот е однесен во САД на анализа во соработка со американскиот безбедносен регулатор, соопшти Министерството.

Jeju Air 7C2216, кој полета од главниот град на Тајланд, Бангкок до Муан во југозападна Јужна Кореја, слета на аеродромот, пламнувајќи се откако удри во насип.

Пилотите ѝ кажале на контролата на летање дека леталото претрпело удар од птица и прогласиле тревога четири минути пред да се урне. Двајца повредени членови на екипажот, кои седеле во делот од опашката, се спасени.

На почеток