Македонија

„Крупни пропусти од полицијата, истрагата треба да е насочена кон газдата на објектот“, Туфегџиќ ќе ја бара правдата за загинатиот Љупчо

Адвокатот Владимир Туфегџиќ ќе се бори семејството Лешко, чиј син Љупчо почина од струен удар на приватна забава, во изнајмен објект во Радишани. Тој смета дека постапката која ја води скопското Обвинителство треба да биде насокчена кон сопственикот и менаџерот на објектот, објаснувајќи дека го издавале без одобрение. Укажува дека има и пропусти од страна на полицијата.

„Во конкретниот случај како адвокат на оштетеното семејството сметам дека постои основано сомневање за сторено кривично дело Тешки дела против општата сигурност и истражната постапка во оваа смисла треба и мора да биде насочена кон сопственикот на објектот како и кон лицето кое го менаџирало објектот преку позната инстаграм адреса со издавање за настани на кои биле собрани поголем број луѓе и со ставање на неисправна и неиспитана музичка опрема на располагање, без одобрение и согласност од надлежен орган“, вели Туфегџиќ за „Скопје1“.

Тој смета дека полицијата делувала пристрасно, бидејќи игнорирале факти и докази. Поради недовербата која се зодала поради повеќе работи, Туфегџиќ вели дека му најавил на јавниот обвинител дека заедно со семејството активно ќе учствуваат во предметот.

„Од прибраните податоци и докази ценам дека се направени крупни пропусти при увидот на лице место и наместо непристрасна и независна истрага полицијата очигледно имала однапред изградено мислење и теорија дека се работи за несреќен случај и тоа во криминалистиката е познато како пристрасност или заблуда на потврдувањето на состојби, докази и факти каде што се игнорираат сите факти и докази кои се противни на однапред изградениот став, школски пример како не треба да се постапува. На јавниот обвинител му најавивме активно учество во постапката со техничко лице од областа на електротехниката а со цел целосно расчистување на состојбата на работите“, додава тој.

Обдукцијата покажа дека Љупчо починал од струен удар. Раде и Кети Лешко, родители на починатиот Љупчо Лешко трагаат по вистината. Го бараат виновникот. Во гостување во поткастот „Претрес“, тие ги раскажаа сите „случајности“.

На почеток