Свет

Трамп помилува 1.500 напаѓачи на Конгресот со потпис, а потоа најави промена: „Одлучив. Почнуваме од 1 февруари!’

Новиот американски претседател Доналд Трамп го потпиша првиот сет на извршни наредби, на крајот од неговата церемонија на полагање заклетва во спортската сала Capital One во Вашингтон, пред да биде однесен во Белата куќа за понатамошни потпишувања.

Меѓу другото, тој првично ги повлече САД од Парискиот климатски договор. Соединетите држави, вториот најголем загадувач во светот зад Кина и историски најголем загадувач, го напуштија Парискиот договор за климата за време на првиот мандат на Трамп, но Џо Бајден го врати во својот. Парискиот договор е насочен кон ограничување на глобалното затоплување и борба против климатските промени. Тој поставува цели за намалување на штетните емисии, што значи дека владите се согласија да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа со цел да се избегнат најлошите ефекти од климатските промени.

Трамп најпрво потпиша извршна наредба со која поништи 78 извршни наредби на неговиот претходник Џо Бајден, вклучително и отстранување на Куба од листата на држави спонзори на тероризмот, објавија американските медиуми.

Потоа, покрај повлекувањето на САД од договорот за климата, тој исто така го забрани издавањето на нови федерални регулативи додека тој и неговата влада не ја преземат целосната контрола, привремено го забрани вработувањето во федералната влада, освен воената и националната безбедност и го укина работењето од дома за федералните вработени.

Во салата, тој исто така им нареди на сите федерални агенции да се справат со зголемената криза на трошоците за живот, потпиша наредба за враќање на слободата на говорот и забрана на цензурата, пренесува телевизијата ABC.

Пред околу 20.000 приврзаници во салата, Трамп ја опиша администрацијата на Бајден како најлоша во историјата и, на воодушевен аплауз, објави серија други извршни наредби што ќе ги потпише во Белата куќа. Меѓу другото, тој ги помилува осудените за нападот на федералниот конгрес на 6 јануари 2021 година, околу 1.500 од нив, јавува Би-Би-Си.

Трамп како заложници ги опишува своите приврзаници кои се обиделе насилно да го спречат потврдувањето на резултатите од претседателските избори пред четири години.

Во понеделникот, Трамп потпиша извршни наредби за прогласување вонредна состојба против илегалната имиграција на границата меѓу САД и Мексико, означувајќи ги криминалните картели како терористички организации. Трамп, исто така, потпиша извршна наредба со која се очекува да ја суспендира американската програма за преселување бегалци на четири месеци.

Трамп ги укина санкциите наметнати од поранешната администрација на Бајден за екстремно десничарски израелски доселеници и поединци за наводно извршување насилство врз Палестинците на окупираниот Западен Брег.

Трамп најави воведување тарифи од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико, кои ќе стапат на сила од 1 февруари, пишува Си-Ен-Ен.

Тој исто така рече дека ќе има средби со рускиот претседател Владимир Путин и дека на САД им е потребен Гренланд за национална безбедност. САД имаат намера да се повлечат од Светската здравствена организација (СЗО), а Трамп ги откажа извршните наредби кои се однесуваа на т.н. програмата DEI (Разновидност, еднаквост и вклучување) што беше широко критикувана низ САД бидејќи, според критичарите на програмата, таа ги наведе работодавците да користат расни, сексуални и други параметри како главни критериуми за вработување наместо оние поврзани исклучиво со компетентноста за извршување на работата.

Новиот американски претседател во понеделникот потпиша извршна наредба со која ги поништува напорите на поранешниот претседател Џо Бајден да го блокира дупчењето нафта на Арктикот и долж големи делови од американскиот брег.

Извршните наредби што ги потпиша и ќе ги објави за време на претседателската кампања не се сите популарни. Според анкетата на АП, на пример, само 20 отсто од Американците го поддржуваат повлекувањето од Парискиот климатски договор, вклучително и помалку од 50 отсто од републиканците на Трамп.

На почеток