Јакимовски за Николоски: Веројатно министерот е болен, или ќе се разболува, па нон стоп се однесува како дете кое исфрла сипаници


Реакција на градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски на изјавата на министерот за транспорт и врски Александар Николоски:
„Министерот за транспорт и врски Александар Николоски по трет пат денес на наместено прашање одговара дека за општините Центар и Карпош нема да одобрувал ниту еден урбанистички план. Веројатно министерот е болен, или ќе се разболува, па нон стоп се однесува како дете кое исфрла сипаници па не знаеме од што боледува. Не му е проблем општинската администрација во Центар и Карпош, туку е девијантно нивното настрано поимање на политиката. За Центар и Карпош не одобрува урбанистички планови затоа што градоначалникот во Центар е од СДСМ, а во Карпош од ГРОМ. Се прашуваме како еднаш не згреши да каже нешто за џунглата што се вика општина Аеродром во која во моментот се градат 50тина згради од кои најинтересни се таканаречените „вмровски наполитанки“.
Во општина Аеродром нема игла кај да фрлиш, станува најнехумано место за живеење во градот Скопје. Од 1996 година до денес во оваа општина само два пати управувал градоначалникот кој не бил член на ВМРО-ДПМНЕ. Ако во Центар има урбан хаос, ќе каже ли колку за тоа придонесоа Виолета Аларова член на ВМРО-ДПМНЕ и Владимир Здравев и дали заборавил за урбаното насилие што го правеше ВМРО-ДПМНЕ кога го апсеше претседателот на Советот Милорад Шиповиќ само да се спроведе нивното дивеење во општина? Александар Николовски веројатно не знае дека во Карпош меѓу 2013 и 2017 владееше токму ВМРО-ДПМНЕ и сите планови се потпишани од раката на Миле Јанакиевски и Владимир Мисаиловски со партизанско име „Кендо“, кој сега е министер за одбрана. За среќа во Карпош ВМРО ДПМНЕ владееше само четири години и не им е дозволено да дивеат. Ниту пак ќе им биде дозволено. Ќе одговори ли министерот каде е неговиот ортак од фирмата Би-Си? Колку локации има во општина Аеродром? Која е неговата вмешаност во запирањето на градбите во Карпош и во Центар за да може да се продаваат становите на неговите пријатели? За министерот Александар Николоски постојат сериозни индиции дека е скриен содружник на градежни компании и дека сите потези во делот на урбанизмот ги прави од лукративни причини“, вели Јакимовски.
