Македонија

(Видео) Доктор хистерично се дерел на Клиниката за урологија, директорот најави дисциплинска постапка

Снимка на која се гледа како доктор гласно се дере низ ходниците на Клиниката за урологија, додека пред и во амбулантата има пациенти беше испратена до редакцијата на „Скопје1“. Во неа, се сведочи дека доктор уролог бурно реагирал кога семејство на пациент со карцином и болки побарало да биде прегледан. За овој настан, се до денеска не бил информиран директорот на Клиниката, Башким Шабани, кој за „Скопје1“ најави дека ќе формира дисциплинска комисија бидејќи однесувањето кое е снимено е недозволиво.

„Ви испраќам видео од докторот урлолог Александар Илиевски од Клиниката за урологија. Влегов да прашам дали може да влезе мојот дедо на преглед бидејќи има карцином во четврти стадиум и болки, а беше во количка во ходникот. Тој почна да вика гласно, ама да вика со сета сила прво на мојата баба, а потоа на мене. Ја туркаше вратата покрај која бев јас, а со самото тоа ме туркаше и мене. Кога реков дека нема право да се дере, тој почна без прилика да вика „Викајте обезбедување“. За кого вика обезбедување? За пациент кој е во количка со болки? Кога почна да вика, неговите колеги излегоа и ни пријдоа, ми рекоа да се смирам и рекоа дека не е нормален. Ваков, лош човек, не може да биде лекар“, пишува Ивана Ачимовиќ во дописот до „Скопје1“.

Директорот на Клиниката за урологија, Шабани, посочува дека снимката утре ќе биде разгледана и на колегиум, по што ќе биде формирана комисија која ќе го испитува етичкиот дел од однесувањето на докторот.

„Скопје1“ не успеа да стапи во контакт со докторот Илиевски, кој се споменува во сведоштвото на семејството на пациентот, за да добиеме негов став за ваквото однесување. Директорот Шабани пак, рече дека за една недела, би се знаел исходот од дисциплинската постапка.

Според Кодексот за етика, во членот 24 стои: „Лекарите се вклучени во процесот на приемот, односно во отпуштањето на болниот, во процесот на лекувањето и на рехабилитацијата на болниот, водат сметка за нивните лични оспособености и оспособености на болеста. Кон нив треба да имаат разбирање и во најтешки случаи да влијаат смирувачки“.

На почеток