Министерката Кочоска: Изразив жалење, немам намера да навредам, ова ќе помине


Гордана Димитриеска-Кочоска тврди дека немала намера никого да навреди од Собранието кога на пратеничката Славјанка Петровска и рече: „Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство“. Таа смета дека темата се држи во јавност за дефокус, иако повеќе јавни личности, жени, побараа извинување бидејќи се нашле засегнати.
„Веќе изразив жалење за целиот контекст, но и самите сте свесни дека народот има поважни теми од лажната тема која ја создаваат за дефокус. Немам намера никогаш да навредам никого. Ниедна туѓа навреда кон мене нема да ме вовлече да навредувам и да возвраќам со навреди. Ова се ќе помине, а за мене е најважно да останеме луѓе и да помагаме на луѓето, колку што можеме“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа смета дека СДСМ реагираат на ова за политички поени, по претходна координација.
„За мене темата е затворена, се фокусирам на работата која треба да ја работам. Резултатите се јасни и видливи. Не исклучувам да продолжат со напади кон мене. Секој збор може да се искриви, ама секој резултат останува во историјата“, додаде министерката.
Таа додаде дека со месеци била предмет на лажни соопштенија.
