Кремљ денеска првпат реагираше на американско-украинскиот договор


Кремљ денеска првпат реагираше на американско-украинскиот договор за 30-дневен прекин на огнот, но соопшти дека нема да извлекува предвремени заклучоци пред да добие официјални информации од Вашингтон.
Говорејќи на редовниот брифинг со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва внимателно ги проучува изјавите од Џеда, каде што САД и Украина се договорија за прекин на непријателствата и враќање на американската безбедносна помош за Украина.
„Се запознаваме со заедничката изјава од Џеда и изјавите што следеа по средбата“, рече Песков.
Тој додаде дека Кремљ во следните неколку дена ќе добие дополнителни информации од американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Валц, кои ќе ги пренесат деталите од договорот преку различни дипломатски канали.
„Ги разгледуваме сите опции, вклучително и можноста за телефонски разговор на највисоко ниво, односно меѓу претседателот Путин и претседателот Трамп“, рече Песков. На прашањето за реакцијата на Русија на предлогот за прекин на огнот, тој повтори дека Москва мора прво да добие целосни информации од американските претставници.
„Видете, не сакаме да донесуваме предвремени заклучоци, тоа е последното нешто што го сакаме“, рече Песков, нагласувајќи дека веќе се закажани контакти со американската страна и дека се очекуваат целосни информации за содржината на преговорите во Саудиска Арабија.
САД и Украина, за потсетување, вчера на состанокот во Џеда постигнаа договор за 30-дневен прекин на огнот, кој може да се продолжи со заедничка согласност на Русија и Украина. Договорот вклучува обновување на американската воена помош и размена на разузнавачки информации за Украина.
Целта на договорот е да се отвори простор за преговори со Русија, додека Украина се согласи да формира преговарачки тим и да работи на трајно решение на војната. Путин претходно нагласи дека му е потребна долгорочна безбедност за Русија, а не привремено примирје.
