(Видео) Се „вжештува“ во Белград: пристигнаa куп трактори, вреќи со камења насекаде, почнаа заканите со бомби, Вучиќ се заканува: „Кучињата се силни во глутницата…“


Најмасовниот студентски протест во Белград, на кој ќе му се придружат и граѓани од цела Србија, е најавен за утре како кулминација на незадоволството од српскиот претседател Александар Вучиќ.
Да потсетиме дека протестите беа започнати откако се урна настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица. Во протестите што избувнаа по споменатата трагедија, студентите и значителен број српски граѓани, меѓу другото, бараат пристап до целата документација за реконструкција на зградата на станицата бидејќи се убедени дека властите ја кријат вистината.
Вучиќ и неговите следбеници, меѓу кои се и владејачката СНС, медиумите, па дури и Српската православна црква, ги обвинуваат студентите за уништување на Србија и ги нарекуваат со погрдни имиња. Тамошните медиуми утрово пишуваат за неколку примери како се подготвуваат за утрешниот протест.
Во текот на ноќта трактори се паркираат во Паркот на Пионер, каде со денови престојуваат студенти. Нова.рс пренесува дека голем број од овие трактори немаат регистрација или е скриена. Според експертите, овие возила служат само за зголемување на притисокот, поттикнување страв од радикализација на протестите и остри судири, за да се намали бројот на луѓе на утрешниот протест.
Тракторите биле донесени на видно место, спроти Собранието на Србија. Голем број од овие возила се во сопственост на компании кои претседателот Александар Вучиќ ги посетил за време на една од неговите турнеи, пренесува Нова.рс.
Во рамките на подготовките за утрешниот протест, граѓаните поставија вреќи со камења по улиците. Активистите претходно апелираа до градските власти да ги отстранат бетонските блокови од плоштадот Никола Пашиќ поради загриженоста за безбедноста на граѓаните за време на протестите. На социјалните мрежи се објавени неколку видеа на кои се гледа како некои луѓе носат цигли до Паркот на Пионер.
Блиц.рс пренесува и дека синоќа компанијата „Србијавоз“ добила повик со анонимна дојава дека во меѓуградските возови се поставени експлозивни направи: – Моравме привремено да го прекинеме сообраќајот на сите меѓуградски возови за да ги заштитиме животите на патниците и екипажот на возовите, објави Србјавоз.
