Македонија

„На Кочо Анѓушев не му е местото на универзитетот“ – невладина во битка со бизнисменот од „црната листа“ на САД

Организацијата „Форум за образовни промени“ води јавна „војна“ со бизнисменот и професор, Кочо Анѓушев, кој е на т.н. „црна листа“ на САД. Организацијата води кампања со која посочува „На Кочо Анѓушев, не му е местото на универзитетот“. Потоа, објавија дека добиле писмо од адвокат од САД кој го застапува Анѓушев во кое, како што тврдат, им било наредено да не го користат името на Анѓушев во нивните активности.

„Писмото од адвокатите пристигна во нашите канцеларии само неколку дена по герила акцијата на Машинскиот факултет, каде што ги повикавме студентите да побараат совети и трикови од нивниот професор за најлесниот начин да завршат на американската црна листа. Адвокатите, меѓу другото, најавуваат дека ќе поднесат жалба против нас пред институциите на САД. Но, да ве потсетиме дека Форумот за образовни промени не функционира под наредба, затоа: На Кочо Анѓушев не му е местото на Универзитет, На Кочо Анѓушев не му е местото на Универзитет, На Кочо Анѓушев не му е местото на Универзитет. Три, четири, пет, илјада пати ќе го повториме истото, бидејќи цврсто веруваме дека луѓето за кои САД имаат докази дека ја злоупотребиле службената должност, треба да бидат што подалеку од студентите. Секогаш кога некој богат човек ќе се обиде да ги искористи државните институции за да ги замолчи активистите, демократијата е во опасност. SLAPP-тужбите имаат за цел да цензурираат и заплашуваат активисти – но, нека му каже некој на Анѓушев дека активистите од Форум за образовни промени не само што не се плашат од овие постапки, туку тие само нè мотивираат да продолжиме“, стои во дел од објавата на Форумот за образовни промени.

„Скопје1“ побара став од Анѓушев преку прес-службата на неговата компанија пред десет дена, но не доби одговор. Ги прашавме дали е точно дека Анѓушев има ангажирано фирма од САД и од кои причини, дали смета дека ова е обид за цензура и закана со СЛАП-тужба, како го коментира барањето тој дане биде професор на Универзитетот, како и дали има одговор на прашањето кое му го поставија, а гласи: „како да завршиш на американската црна листа?“.

На почеток