Меѓу уапсените е и потписникот на проектот со кој дискотеката Пулс доби лиценца за работа


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека меѓу уапсените за трагедијата во пожар во дискотека во Кочани е и лицето кое издало и потпишало проект со кое дискотеката Пулс во Кочани, ги исполнува сите потребни услови за да добие лиценца за работа.
Лицето се товари дека сторило кривично дело:Тешки дела против општата сигурност.
„Последното задржано лице се терети за Тешки дела против општата сигурност, а истиот е потписник на основен проект за издавање лиценца за кабаре клуб односно на еден од документите потребни за ставање во функција на едно кабаре. Незаконито, паушално, без утврдување на фактичка состојба биле изготвувани круцијални документи кои биле предуслов во понатамошната постапка за ставање во функција на предметното кабаре. Во дел на таа документација која е потпишана од уапсеното лице постои тврдење дека станува збор за објект кој ги исполнува сите услови по закон за да биде кабаре, а сите знаете дека не исполнува ниту 20 отсто, а камоли сите“, рече Тошковски.
Во притвор се ексминистерот за економија Крешник Бектеши, вработени во Министерството, потоа ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, сопственикот на дискотеката, членови на обезбедувањето. На распит беше и градоначалникот на Кочани, но тој беше пуштен. Дури вториот ден по трагедијата во неговиот град, градоначалникот си поднесе оставка од функцијата известувајќи ја јавноста преку Фејсбук.
