Една од најтешките задачи со кои се соочува современиот човек е на кој начин да изгради стабилен и хармоничен однос во љубовта. Тоа прашање многумина ги разјадува, оптоварува и доведува во ситуација да не знаат што да очекуваат и колку треба да чекаат да се појави вистинската личност со која љубовта ќе гради рај, а на осаменоста ќе и дојде крај. Дилемите се дали треба да се биде трпелив и определен да не се губи време и енергија на површни односи или треба да се вкусат искушенијата на авантурите, зашто “еден е животот и ништо не треба да се пропушта”.
Првата опција е карактеристична за разумни, емоционално стабилни и одговорни поединци, кои поседуваат висок критериум на морал и самовредност. Тие внимаваат на сопствената совест и не сакаат да ја нарушат моралната слика која ја негуваат пред јавноста.
За втората опција се определуваат лица кои лесно им подлегнуваат на телесните страсти и искушенија, зашто можеби се адреналински зависници кои претпочитаат ризични животни ситуации. Таквите поединци ги привлекува се што е мистично, необично, скриено, опасно и забрането. Сето тоа буди предизвик кој ги тера импулсивно и неразумно да им се препуштат на искушенијата произлезени од импулсите на телото, нагонот и страста.
Современиот човек стана толку многу гладен за вистинска љубов што ги прифаќа замените за неа. Затоа, бара брзи решенија исполнети со телесна страст, ризик, доминација и контрола на другите, трка по многу пари, моќ, слава и површни задоволства.
Либералната концепција укажува дека секој човек има право да одлучува што ќе прави со својот живот и да определи како и со кого ќе ги споделува емоциите, страстите и љубовните потреби. Проблемот се случува доколку иницираме неверства и го нарушиме моралниот карактер на сопствената личност. Таквата побуда ќе предизвика константно да лажеме, манипулираме и да се поигруваме со чувствата на лицето со кое опстојуваме во љубовна врска или брак. Доблесност е прво да го прекинеме таквиот однос и потоа да правиме што сакаме со своето тело, морал, свест и совест. Нечесност и грев е да се оддадеме на блуд, прељуби и ниска страст, а притоа се уште да опстојуваме во љубовен или брачен однос со постоечкиот партнер.
Со мотото “нападот е најдобра одбрана”, често се служат неморалните и себични личности кои претпочитаат намерно да манипулираат и вината за проблемите да му ја префрлат на другиот. За разлика од нив, доблесниот и одговорен поединец поаѓа од претпоставката дека можеби и самиот придонел за кризата во врската и предизвикал партнерот лошо да се однесува кон неговата личност. За недоразбирањата присутни во љубовниот однос придонесуваат многу фактори, бидејќи и за љубов и за отуѓување потребни се двајца. Секој со своето однесување го гради мозаикот наречен љубовна врска. Некој тоа го прави со игнорирање и потиснување на проблемот, друг со конфликтно, суетно и студено однесување.
Некои луѓе го поттикнуваат најдоброто во нас, а други со своето негативно однесување прават да се чувствуваме неубаво, несреќно и неисполнето.
Никогаш нема духовно да напредуваме доколку зависиме од туѓите постапки и постојано се штитиме од негативните влијанија на партнерот. Животот не ни e даден да се себеизмачуваме и страдаме во однос полн со недоразбирање, отуѓеност, лаги и измами. Кога вреднуваме погрешни лица, тоа води кон живот исполнет со немир и разочарување.
Народната мудрост има кажано: “Без струја се живее, но без љубов не се живее”. Од современа гледна точка, тоа значи: Не гради однос со личност која не те почитува, бидејќи кој не те сака, не те ни заслужува.
Клучот на среќата се наоѓа во независноста на духот и во напуштањето на лицата кои негуваат деструктивни матрици на размислување и однесување.
Во односите со другите луѓе мора да внимаваме на самите себе и да не дозволиме себичните и негативни личности да не однесат кон погрешната патека на животот. Кога знаеме што сакаме, вложуваме во личниот развој и се дистанцираме од се што лошо влијае врз нашата личност, тогаш стресот, емоционалните кризи и немирот многу поретко ќе бидат дел од нашето живеење.
Мудрите луѓе рекле: “Со кого си, таков си”. Кога сме во однос со неморална, егоистична и духовно неосвестена личност, ние почнуваме да ги попримаме нејзините вибрации и стануваме нервозни, вознемирени и несигурни. Откако ќе сфатиме каде тоа не води и го прекинеме односот, ќе ни треба време да се стабилизираме и вратиме на вистинскиот колосек.
Прво што треба да направиме е да се опуштиме; потоа да почнеме со процесот на детоксикација; да иницираме фокус кон себеси, да го прифатиме тоа што ни се случило и пред се, да не се плашиме од осаменоста. Всушност, самотијата ни е нужно потребна за да можеме да ги средиме мислите, но не како константна изолација помеѓу четири ѕида, туку како енергетски и ментален увид во своето внатрешно битие. Сето тоа ќе ни овозможи да допреме до самите себе и да ги откриеме нештата кои во тој период ни се најпотребни.
Едни од главните придобивки за духовено определениот поединец се наоѓаат во чистата совест, мирот во душата и во ослободувањето од чувството на вина, кое ако е неразрешено може да создаде голем внатрешен немир и да предизвика сериозни психосоматски и други болести.
Затоа, секогаш треба да бидеме толерантни кон самите себе, бидејќи невозможно е се да биде преиспитано и воопшто не е лесно целосно да ги избегнеме негативните вибрации на другите. Но, со моќна самоконтрола, самодоверба, самосвест и со трпеливо преиспитување на лицето со кое си имаме работа, нештата можеме да ги одведеме кон позитивната патека на животот.
Задоволството од прекинот на односот со неморалната и духовно неосвестена личност овозможува да ја зголемиме својата витална енергија, да го вратиме сјајот на лицето, да постигнеме спокојство во душата и постепено да се отвориме за среќата на животот. Треба да знаеме дека ништо не се подобрува преку ноќ, бидејќи се е процес, будење и вложување во позитивните вредности на сопствената личност.
Промената е чин на мигот и секогаш започува со позитивната мисла, која се преточува во позитивниот збор и потоа се крунисува со позитивните дела. Мудроста се крие во разбирањето на нештата и во определбата да завршиме со тоа што е лошо и да тргнеме кон тоа што е добро.
Кога опстојуваме заглавени во тунелот на животот, стравувајќи од промени – гледаме само темнина. Но, откако ќе собереме храброст и почнеме да се движиме кон крајот на тунелот – здогледуваме светлина и го чувствуваме создавањето на новото Јас.
За да изградиме однос полн со љубов и разбирање, неопходно е да ги имаме на ум следите норми на позитивната мотивација: Не опстојувај каде што не си прифатен; Не гради, каде што некој постојано урива; Не се надевај на добро, каде што не постои љубов и заедничка визија; Не вложувај, каде што нема свест за искреност, верност и етика; Не прифаќај лица на темнина, зашто ќе те оддалечат од мир, хармонија и убавина; Движи се и без страв размислувај, бидејќи среќата бара волја, храброст и акција; Биди свој и верувај, зашто ќе го добиеш тоа што го поседуваш; Пробуди се и дејствувај, бидејќи на крајот од тунелот те очекува љубов, успех и светлина.