Денеска го одбележуваме Меѓународниот ден на слободата на медиумите за да потсетиме на важноста од слободното изразување на новинарите и медиумите. На овој значаен ден, сакам да потсетам на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога гласот на новинарите беше стишуван, спречуван и цензуриран, освен за оние кои беа блиски до тогашните структури на власта, истакна новинарот Томислав Кежаровски.
Јас лично бев жртва на линчот кој го спроведуваше таа власт кон сите оние кои укажуваа на недостатоците во нивното работење.
Не успеав да ја избегнам казната, напротив, и покрај мојата невиност, поминав низ долга, тешка и агонична животна епизода.
Јас бев колатерална штета на партизираното новинарство, партизираните институции и судство и „лекција“ која требаше да ја научат сите оние кои размислуваа и зборуваа отворено без цензура, а против режимот.
Денес, конечно, сум слободен човек. Слободно и без притисоци пишувам и зборувам и отворено критикувам.
Новинарите се и треба да бидат коректив на власта во една држава, а новинарското перо најсилното оружје против оние кои ќе заборават дека ја имаат власта за да ги застапуваат интересите на својот народ, а не своите лични интереси.
Изодевме долг пат до ова на што сме денес. Не велам дека нема недостатоци. И натаму треба посветено да работиме во интерес на слободното изразување на медиумските работници и целосна независност на медиумите.
Конечно, ние сме на добар пат да изградиме општество со независни и слободни медиуми, да поставиме камен-темелник на вистинска демократија и систем на здраво владеење, истакна Кежаровски.