Македонија

Ќе се помируваме од како Талат ќе се врати од Чешка

Помирување во Собранието ќе има, но процесот треба да почне под диригентската палка на собранискиот претседател Талат Џафери, откако тој ќе се врати од Чешка каде што е во официјална посета заедно со пратеничките Јагода Шахпаска, Владанка Авировиќ и Теута Билали, велат извори од Собранието.

Ова прашање се очекува да биде поставено во среда кога ќе има и кооринација на пратеничките групи со собранискиот спикер во врска со продолжението на 60. седница закажана за 24 октомври. Засега ни контурите на парламентарното тело за помирување не се исцртани.

Парламентарците немаат ништо конкретно на хартија, освен барањата на пратениците од опозицијата кои гласаа за уставни измени, а меѓу кои е и барањето да се прифати предогот на премиерот Зоран Заев за помирување и простување на крвавите настани од 27 април.

Освен од тројцата обвинети пратеници за настаните на 27 април, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски кои гласаа за потребата од уставни измени според Преспанскиот договор, потребата од собраниското тело за помирување доби поддршка и од останатите пратеници што кренаа „за“ измените во македонскиот Устав, но не и од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Според пратеничката Дафина Стојаноска, неприфатлив и задоцнет е предлогот за  помирување зашто сега тоа има цел да се смени Уставот и уставното името на државата. Таа смета дека ваков предлог требало да биде инициран во периодот кога се гласало за одземање на пратеничкиот имунитет на обвинетите пратеници и пред  нивните колеги да завршат во затворските ќелии.

Наспроти ваквиот став на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, во групата нивни колеги кои ја прифатија поддадената рака на премиерот ваквиот потег го оценуваат како добронамерен и како што вели за Плусинфо пратеничката Емилија Александрова,  очекуваат неделава да се прецизираат деталите.

Очекувања да бидат дел од работната група за помирување имаат и во Беса на Билал Касами. Пратеникот Фадил Зендели вели дека сакаат да помогнат во процесот на помирување што го понуди премиерот Заев и очекуваат покана за учество во формирањето на собраниското тело.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток