Кинеските власти и официјално одговорија на предупредувањето на американскиот претседател Доналд Трамп кој што порача дека САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор со Русија, се додека Русија и Кина не се вразумат.
После ваквата изјава на американскиот претседател, Кинезите порачаа дека нема да толерираат било какви уцени, од било која земја на светот.
Портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи испрати предупредување до Соединетите Американски Држави да не одат „низводно“ и два пати да размислат пред да донесат било каква одлука за повлекувањето од нуклеарниот договор со Русија.
„Обрнавме внимание на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот советник Џон Болтон поврзана со Кина во контекст на нуклеарниот договор. Кина секогаш се придржувала до својот одбранбен карактер на националната политика за одбрана и заштитата на своите државни интереси. Кина нема да толерира било каква уцена, од било која земја“, изјави портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг.
Да потсетиме, Доналд Трамп во понеделникот предупреди дека Соединетите Американски Држави имаат намера да го зајакнат својот нуклеарен арсенал со цел да извршат притисок врз Русија и Кина.
„Тоа е закана до кого сакате. И тоа ја вклучува Кина и ја вклучува Русија. Ги вклучува сите кои што сакаат да ја играат таа игра. Не можете да ја играте таа игра со мене“, порача американскиот претседател Доналд Трамп.
Првиот човек на САД исто така порача дека ќе инсистира на спроведување на својот план за зајакнување на нуклеарниот арсенал на американската армија, се додека Русија и Кина „не се вразумат“.