Локалната филијала на Fridays For Future на Грета Тунберг за штрајк против климатските промени, ја доставувам листата на официјални барања кои за Македонија ги артикулираа претставниците на движењето визави државните институции. Во продолжение целосниот повик со барањата:
Последниот извештај на Меѓународниот Панел за климатски промени од октомври 2018-та укажува дека без задржување на глобалното затоплување под границата од 1.5 степени целзиусови, ќе започне неповратлив процес на еколошки колапс, кој ќе има несогледливи последици за целата планета. Научните истражувања предвидуваат дека без промена на актуелниот курс, надминувањето на овој праг и почетокот на ланецот на општата деструкција ќе се случи во 2030-та година.
Во 2015-та година, земјите од светот, меѓу кои и Македонија, го потпишаа Парискиот договор, обврзувајќи се да преземат решителни чекори за спречување на оваа катастрофа. Во нашиот случај, тие чекори се изложени во извештаи за проблемот, кои датираат уште од пред Париз. Во овие извештаи стои дека ако Македонија стане членка на ЕУ до 2020-та година, ќе ги спроведува политиките на Унијата за намалување на емисиите на стакленички гасови за 20 проценти. Ако не, тогаш ќе се следи уште помалку амбициозен план и од тој на ЕУ, кој вклучува изградба на нови електрани на јаглен и по 2030-та, и широка гасификација на државата.
Плановите за нови енергетски капацитети базирани на фосилни горива опстојуваат и покрај тоа што секторот енергетика е идентификуван од истите извештаи како најголемиот создавач на стакленички гасови во земјава, кој до 2050 ќе го зголеми испуштањето на јаглерод диоксид за 30 проценти во однос на сега.
Следниот сектор по големина на придонес според овие извештаи е транспортот, каде количеството на јаглерод диоксид во 2020 ќе биде удвоено во однос на 2010, што е и за очекување кога бројот на автомобили од 130 на илјада жители во 2006- та година, во 2030-та ќе порасне на 400. И сепак, во овој сектор препораките за митигација се водат од економски а не еколошки побуди, па главните приоритети се воведување биогорива за дел од автомобилите и информативни кампањи за подигнување на свеста, па дури потоа инвестиции во еколошки јавен транспорт.
Денес знаеме дека ниту ќе станеме дел од ЕУ за една година, ниту ќе ги следиме ЕУ политиките за намалување на емисиите за 20 проценти. Знаеме дека без радикална, системска промена, немаме никакви шанси да ги избегнеме ефектите на климатските промени, кои на нашето поднебје ќе значат суши, пожари и опустошено земјоделство како основен извор на храна и приходи (трет најголем дел од бруто домашниот производ).
Врз база на извештаите на самата власт во оваа држава и обврските кои ги има преземено во меѓународни рамки, локалниот огранок на меѓународното движење за климатска правда Fridays For Future ги упатува следните пет барања до институциите на Република Северна Македонија:
- итно прогласување на климатска вонредна состојба, по примерот на повеќе градови и држави во Европа и светот. Ваков чекор е неопходен за создавање услови за институционална приоритизација на ова прашање и сензибилизација на општествените актери за неговата важност.
- формирање на специјално национално тело – комисија за борба против климатските промени. Оваа комисија би била составена од експерти од областа на одржливост и животна средина, кои истовремено би фигурирале на клучни позиции во министерствата за животна средина и земјоделие, како и сектор за енергетика и земјоделие, со цел координација на политиките за спречување на ефектите од климатските промени, која би подразбирала и обезбедување на целосна транспарентност во работата (буџет, акциони планови, годишни индикатори и што од тие индикатори е исполнето).
- во рамките на енергетската политика, отворање на јавна дебата околу проекциите за затворање на постоечките електрани на јаглен, и создавање на нацрт план за транзиција од електраните на јаглен кон извори на обновлива енергија. Ова подразбира крај на долгорочната стратегија за гасификација и ставање фокус исклучиво на обновливите извори на енергија, со најголем акцент на соларната енергија. Во оваа насока, неопходна е итна адаптација на актуелниот Закон за енергетика, кој начелно овозможува учество на домаќинствата во производството на струја од сонце, но во сегашната форма не ја олеснува оваа практика и де факто ја ограничува универзалната употреба на соларните панели. Ваквиот закон мора да ги предвиди начините за најбрзо и најмасовно напуштање на енергијата произведена од фосилни горива, и да почне да ги имплементира веднаш.
- изработка на план за намалување на користењето автомобили во транспортот, во кој акцентот ќе биде ставен на комплетна обнова и повеќекратно проширување на капацитетите на јавниот транспорт. Ова значи не само сериозно подобрување на квантитетот и квалитетот на градските и меѓуградски автобуси како најкористени јавни превозни средства, туку и капитални инвестиции во железничката мрежа во целата земја, воведување на трамвај во Скопје, и покривање на целата територија на државата со велосипедска инфраструктура. Единствено пристап кој ќе го стави еколошкиот пред економскиот фактор може да го сопре подемот на автомобилската индустрија и самоуништувачката сообраќајна култура во земјава, нешто што нема да се случи со слевањето на буџетските средства во програми за промоција на биогорива и компресиран гас за ограничен број возила.
- воведување на климатската проблематика во школскиот курикулум во основното и средното образование. Задолжителната настава за сите причинско-последични аспекти на климатските промени, според најсовремена методологија, е во функција на промена на начинот на живот кај младите, како подготовка за периодот во кој ќе се соочат со ефектите на климатскиот колапс. Имплементацијата на оваа тема во образовниот систем мора да го има во предвид интердисциплинарниот карактер на проблемот, со цел длабоко развивање на климатската свест кај новите генерации.
Во говор на годишната конференција на Обединетите Нации за климатските промени во ноември 2017, тогашниот и сегашен заменик министер за животна средина Јани Макрадули изјави: “Владата на Република Македонија силно е посветена да ја придвижи државата од рецептот за удобен живот до климатски шампион и знае како да дојде до таму”.
Речиси две години потоа, ваквиот исказ делува трагикомично. Не само што не сме “климатски шампион”, туку и состојбата со животната средина во земјава никогаш не била полоша. Поврзувањето на барањата на Fridays For Future во нацрт- стратегија за борба со климатските промени, чија конечна цел е нула емисија на стакленички гасови, е последната шанса не да се биде климатски шампион, туку едноставно да се запре претстојната пропаст, заедно со сите останати земји во регионот и пошироко.