Златен октомври на германскиот пазар на работа – бројот на невработени е паднат на 2,2 милиони, што значи првпат пад под 5 проценти невработеност. Освен тоа, има стотици илјади непополнети работни места.
Благодарение на есенскиот полет, бројот на невработени во Германија во октомври паднал на 2,204 милиони. Тоа е најниска стапка на невработеност по обединувањето на Германија. Стапката на невработени првпат од почетокот на пресметувањето од страна на Сојузната агенција за работа е под пет проценти и изнесува – 4,9%.
Во споредба со претходниот месец, бројот на невработени во октомври е понизок за 53.000. Во споредба со истиот период лани, тој број е помал за 185.000, соопшти денеска Сојузната агенција за работа. Дури и кога од статистиките ќе се извади бројот на сезонски вработувања, бројот на невработени е најнизок досега.
Покрај тоа, од Сојузната агенција за работа се нагласува дека ширум земјата сѐ уште се непополнети 824.000 работни места, односно 44.000 повеќе отколку пред една година.