Македонија

Габер: Првата средба на заедничкиoт македонско – грчки комитет до крајот на неделава

Во почетокот на ноември се предвидува да се одржи првата средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти што го формираа Македонија и Грција, како обврска од Договорот од Преспа.

Амбасадорот Виктор Габер, кој го предводи македонскиот тим, за МИА изјави дека таа треба да се случи на крајот од оваа недела во Солун, може да трае еден или два дена и на неа треба да се утврди динамиката на средбите, како и да стане збор за рамката на разговорите. Пред оваа, како што рече, прeтстои воведна средба со неговиот грчки пандан, заменик министерот за надворешни работи Маркос Боларис.

Предвидено е овој комитет да ги проучи учебниците, а ќе дефинира и временски рамки, за да се осигура дека во секоја од страните од идната година, односно една година од потпишувањето на Договорот, не се користи ниту еден учебник или помошен материјал кој содржи каков било иредентизам.

Согласно член 8 став 5 од Преспанскиот договор, работата на Комитетот ќе ја надгледуваат министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција. Комитетот ќе се состанува најмалку два пати годишно, а извештај за својата работа треба да поднесува пред Советот за соработка на високо ниво, ново тело чие формирање е исто така обврска со Договорот, а со кое ќе раководат премиерите на двете земји.

Одредбата прецизно дефинира дека Комитетот ќе разгледува и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. Комитетот, исто така, ќе ги проучува и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали, како што е предвидено во овој член. Ова тело, формирано на паритетна основа, има по седум члена од македонска и од грчка страна, согласно членот осум, став пет од Договорот за името, ќе треба да го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на докази и научно-издржани историски извори.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток