Дебарската полиција открила двајца илегални мигранти од Палестина во возило со скопски регистарски таблички, при рутинска контрола во три часот по полноќ. Лицата се приведени и се превземаат мерки за целосно расветлување на случајот, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Според него приведените лица со себе немале документи за идентификација и незаконски престојувале во Република Македонија. Двајцата Палестинци,повеќе од сигурно е дека преку Дебар минувале само транзит. Нивната цел била да ја минат македонско-албанската граница и трнзит преку Албанија да заминат кон некоја од западно европските земји.
– Голема мигрантска криза како изминатите години нема повеќе ниту во Македонија, ниту во регионот, но за сметка на тоа е зголемена илегалната миграција. Споредено со минатата година и оваа имаме зголемување на обидите за илегален премин на границата на Република Македонија со Грција, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Посочи дека се појавил и обратен правец на миграција од Србија во Македонија, првенствено на државјани од Иран.
– Македонската полиција работи заедно со полициски службеници од другите партнерски држави, коишто работат на обезбедувањето на македонско-грчката граница, а имаме формирано и посебни сили коишто ќе работат на спречување на илегалната миграција и трговија со луѓе. Тие започнаа со работа во сите региони на Македонија и веќе имаме конкретни акции спроведени врз основа на оваа стратегија, изјави Спасовски.
Нагласи дека миграцијата ќе биде еден од перманентните проблеми не само за Македонија, туку и за регионот, а заедно со тероризмот и сајбер безбедноста се следните предизвици на глобално ниво.