Свет

Мицотакис свика состанок на службите за безбедност поради новиот бран мигранти

Голем број на чамци со мигранти пристигнале во текот на вчерашниот ден на грчкиот остров Лезбос, што е прво такво масовно доаѓање на мигранти од Турција во последните три години.

Во 2015 година, на врвот на емигрантската криза, илјадници луѓе пристигнуваа секој ден на грчкиот брег. Нивниот број драматично се намали откако ЕУ и Анкара потпишаа договор во 2016 година за сопирање на мигрантскиот бран.

Од 56.000 емигранти и бегалци кои годинава пристигнале во Европа, речиси половина се истовариле на грчките острови, а таа бројка во последните месеци расте, покажуваат податоците на ОН.

На Лезбос во четвртокот пристигнаа 16 чамци со околу 650 луѓе, од кои 13 за помалку од еден час, според полицијата и УНХЦР. Најголемиот дел од мигрантите ќе бидат сместени во кампот Морија, најголемиот прифатен центар во Европа, каде што моментално се наоѓаат четири пати повеќе мигранти од предвиденото. Моментално таму има 10 илјади мигранти.

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис закажа состанок на највисоките релевантни служби за безбедност на кој ќе се разгледува зголемувањето на бројот на мигранти кои пристугнуваат во државата во подрачјето на источното Егејско море.

Одлуката за состанокот следеува неколку часа откако хуманитарните организации соопштија дека стотина мигранти вчера пристигнаа на островот Лезбос.

Грција на островите има пет прифатни центри и сите се пренатрупани. Во нив има повеќе од 25 илјади мигранти. Грчката влада порача дека ќе биде забрзана процедурата за обработка на барањата за азил со цел да се ублажи ситуацијата.

На почеток