Македонија

Филипче: Во клиничката болница во Тетово за 15% е зголемен капацитетот со човечки капитал во установата

Клиничката болница во Тетово е акредитирана од Агенцијата за акредитација. Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче при денешната посета во оваа јавно-здравствена установа истакна дека како регионален медицински центар, во изминативе две години реализирани се значајни инвестиции за унапредување на условите за третман на пациентите.

„Извршено е реновирање на инфективното одделение, како и реконструкција на интернистичкиот, хируршкиот блок и лабораторијата, со што значително се подобрени инфраструктурните услови во оваа јавна здравствена установа“, изјави министерот Филипче.

Во делот на нова медицинска опрема, минатата година е набавена комплетно нова опрема за лапароскопија, 12-канален ЕКГ апарат, фитотерапевтска лампа, ортопедски продолжен уред за операционен стол, апарат за електрохируршки генератор, 2 лабораториски центрифуги, како и транспортни колички за бебиња. Истовремено, во оваа јавна здравствена значително се зајакнавме и човечките ресурси.

„Во изминатиот период, реализирани се 109 вработувања на неопределено време, 45 се ангажирани со договор на дело и во тек се 24 вработувања со преземање. Вкупниот број на вработени е 791, со што значително, за 15% го зголемивме капацитетот со човечки капитал во здравствената установа. Здравствените работници имаат зголемени плати, им овозможуваме достоинствени услови за работа“, рече министерот Филипче.

Со враќањето на 15 супспецијалисти значително се унапреди достапноста на здравствени услуги од областа на трауматологија, ортопедија, абдоминална хирургија.

Инаку, во соработка со УНФПА, спроведени беа двонеделни обуки во соработка со Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство за ефективна перинатална грижа и брза проценка на родилиштата, согласно со курикулумите и препораките на Светската здравствена организација. Со овие обуки се воведе стандардизиран пристап во сите родилишта, обучен кадар, медикаменти и опрема.

За потсетување, во Клиничката болница во Тетово е отворен Центар за упатување жртви на сексуално насилство, каде се даваат услуги по стандардизирани оперативни процедури, со кои може да се превенираат животозагрозувачките последици. За жените жртви на сексуално насилство услугите се бесплатни во Центарот, со средства обезбедени од Програмата за мајки и деца при Министерството за здравство.

Во соработка со организацијата Хоуп обезбедени се и стандардни пакети на опрема за гинеколошките и педијатриските оддели на Клиничката болница во Тетово и Општата болница во Куманово, во вкупна вредност над 200 илјади долари.

Клиничката болница во Тетово е една од 34 здравствени установи, кои се опфатени со процесот за унапредување на условите на јавните здравствени установи од аспект на инфраструктура. Министерството за здравство продолжува со вистинска грижа за пациентите и здравствените работници во сите региони од државата.

На почеток