Околу 25 милиони евра им дала Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски на телевизиите „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа ТВ“, во периодот од 2010 до 2017 година, објави „Призма“, повикувајќи се на податоците од владината датабаза „Отворени финансии“.
Од вкупните 26.6 милиони евра за рекламирање во телевизиите, дури 25 милиони евра отишле кај овие три национални телевизии.
На врвот е „Сител“, која инкасирала 10.2 милиони евра државни пари, потоа „Канал 5“ „земала“ 8.5 милиони евра, додека „Алфа ТВ“ добила 6.3 милиони евра, од кои најголем дел од 2013 година наваму.
За истиот период, останатите две национални телевизии „Телма“ и „Алсат“, добиле околу 859.000 и околу 545.000 евра.
Доминантен дел од парите, преку 90 %, Владата ги дала директно од својот буџет, од ставката „други трансфери“, а министерствата и владините секретаријати придонеле со само неколку ситни проценти.
Ако се погледнат листите на потрошени пари, максимумот при трошењето е достигнат во 2015 година пред промената на власта, односно околу 5.6 милиони евра, а во 2017 година, оваа сума е намалена на околу 195.000 евра. Во 2018 и во 2019 година, кога со власта управува СДСМ и коалицијата, владата и министерствата немаат трансфери кон националните медиуми.
Текстот во целост на: Призма.мк