Цените на бензините и на дизелот од ноќеска на полноќ се намалуваат од три до 4,5 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, се намалува за 4,5 денари за литар и ќе изнесува 67 денари, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за четири денари и ќе чини 69 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за три денари и ќе се продава за 64,5 денари за литар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 3,5 денари по литар и ќе чини 53 денари.
Како причина за намалувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 9,06 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,214 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.