Македонија

Успешно извршена првата несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки

Прва несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки минатата недела првпат во Република Македонија, успешно е извршена на Универзитетската клиника за хематологија врз 22-годишен пациент од Скопје.

Со овој зафат македонското јавно здравство стана дел од мапата на светските и европски медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција истакна дека досега за ваква трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител пациентите се испраќаа во странство, а од сега веќе нема да се малтретираат ниту семејството, ниту пациентите и ќе се направи огромна заштеда на финансиски средства од Фондот за здравствено осигурување, заради тоа што сме дел од Европскиот регистар за матични клетки со чија помош матични клетки се лоцирани во една од европските земји, донесени се на Клиниката и се успешно се трансплантирани на пациентот.

„Оваа процедура од сега редовно ќе им биде на располагање на сите наши пациенти кои боледуваат од малигна болест на крвта и на кои им е потребна трансплантација. Дополнително ќе ги разгледуваме моделите кои ќе го зајакнат јавно здравствениот сектор, во блиска иднина на развивање на моделите на јавно приватно партнерство, за да обезбедиме инфраструктура таму каде недостига, а ќе работиме и на покревање на нивото на експертиза на нашите лекари преку едукација во странство или носење странски експерти кај нас“, рече Филипче.

Додаде дека ќе работат на зголемување на инвестициите во јавното здравство, а во смисла на покревање на платите на сите здравствени работници.

Директорот на ФЗОМ, Ден Дончев рече дека една ваква трансплантација во странство во просек изнесувала до 120.000 евра, а опсегот можел да биде од 90.000 евра до 250.000 евра.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток